Изминатиот период излегоа информации дека Galaxy AI функциите кои ги користат корисниците нема да останат бесплатни, а тоа би било само до крајот на годината. Потоа, се очекуваше дека Samsung ќе додаде претплата за користење на функциите, а информацијата дека такво нешто се планира може да се најде на нивните страни и сервиси.
Сепак, работите сега се доста појасни, па корисниците можат да бидат сигурни дека тоа што моментално го користат, нема да им биде наплатено во иднина.
Како што потврдуваат од Android Police, моментално достапните Galaxy AI функции како Live Translate, Object Eraser, Audio Eraser, Browsing Assist и слични, ќе останат бесплатни и од Samsung не планираат да ги стават зад некоја претплата.
Тоа што секако е јасно дека не зависи од Samsung се функциите достапни преку Gemini од Google, а се отвора и можноста Samsung да додаде нови функции за кои можеби ќе има претплата.
Како и да е, корисниците на некои од Galaxy уредите, нема да треба наеднаш да плаќаат или да ги изгубат функциите на кои се имаат навикнато досега.