Природата често знае да изненади со некои работи за кои мислиме дека ние сме ги надминале или постигнале. Таа и најчесто е инспирацијата за нашиот труд околу развитокот на технологијата. Летањето, лековите, нано-технологијата, екологијата, нуркање, бои, отрови, земјоделството и создавањето нови видови растенија… сето ова е инспирирано и првпат видено кај природата.
Истото се однесува и на најцврстите материјали кои постојат. Човештвото има создадено прилично силни материјали кои засега ја надминуваат цврстината на природните, но не за многу. Досега се сметаше дека свилата на пајакот е најцврст природен материјал кој би можел да се користи за најразлични употреби (на пример, за произведување суперцврсти јажиња). Цврстината на пајаковата свила се проценува приближна на индустрискиот челик. Па сепак, природата повторно изненади.
Научниците открија дека „забите“ на едни водени полжави се дури 5 пати (!) поцврсти од свилата на пајакот. Овие полжави обично се движат околу карпи и ги јадат алгите кои живеат таму. За да можат да ги изедат тие имаат „заби“ со кои ја исчепуваат храната. Овие нивни заби се изградени од материјал композит од минерални влакна и супстанца базирана на железо наречена гетит.
Научниците ја тестирале цврстината на овој материјал, тие ги оформиле во облик на минијатурни коски и потоа ги залепиле за таканаречен микроскоп со атомична сила. Овој микроскоп користејќи разни техники (како на пример пиезоелектрични вибрации) можат да ја осетат површината и да ја тестираат цврстината на материјалите на микроскопско ниво. Со ваквото тестирање тие успеале да утврдат дека цврстината на овие „заби“ е поголема од таа на кевларот, а малку помала од најцврстите композити од јаглеродни влакна.
Овој материјал ќе може да се искористи во создавање на многу цврсти материјали во индустријата. Тие можат да помогнат кон подобри и полесни панцири за тело, па дури и да се направи војничка облека која ќе го заштитува телото каде и да е поставена, а не само при специјализирани површини. Градењето на бродови, производството на автостакла и други делови, скии и скејтборди… сите овие ќе можат да го искористат новиот материјал за да бидат полесни, поцврсти и поквалитетни.
Извор: Geek