Hubble Space Telescope веќе 25 години ја снима вселената и ѕвездите кои постојат во неа. Со помош на сензорите во голема резолуција тој досега има евидентирано толку многу ѕвезди и галаксии, со што нивното броење станува непрактично, па не може да се пресмета колку точно има видено. Во меѓувреме научниците правеа пресметки за тоа колку ѕвезди и галаксии има зад видливата вселена т.е. тие чија светлина е толку слаба што не можат да се забележат или диференцираат со денешните инструменти, а можеби ни со идните.
Според предходните пресметки, се сметаше дека бројот на галаксии кои не можат да се видат (т.н. „бледи галаксии“) се стотици или илјадници пати повеќе од тие што можат да се видат, но со најновите пресметки и симулации се дојде до сознанието дека нивниот број веројатно е само десетици пати повеќе. Научниците употребиле симулација на бројност на галаксии и ѕвезди при формирањето на Универзумот, за да дознаат кој би бил приближниот број кој би можеле да го очекуваат.
Кога ја нагодиле симулацијата да го предвиди приближно бројот на видливите галаксии и ѕвезди, таа укажала на тоа дека бројот на бледите и невидливите е поголем од првите, но многу помал отколку претходно што се претпоставуваше. Научниците сега се надеваат дека ќе успеат да го потврдат или поништат овој број со доаѓањето во работа на James Webb вселенскиот телескоп, кој ќе има далеку посилни карактеристики за набљудување на вселената од Hubble Space Telescope.
Извор: IFLScience, Phys.org