Без паника и земете ги пешкирите! Според најновите наоди од истражувањето на нивото на енергија во Универзумот, тој е на пат кон бавна (и болна?) смрт. Имено, меѓународен тим на астрономи кои студирале 200 илјади галаксии ја мереле енергијата која доаѓа од голема порција на вселената. Со нивните мерења откриле дека енергијата е само половина од таа што постоела во Универзумот пред 2 милијарди години.
Според нив, ова значи дека Универзумот е на пат да „умре“. Секако дека научниците не можеле да ја мерат енергијата во целиот познат Универзум бидејќи само времето за изведување на тој потфат би било повеќе човечки животи, а просторот за складирање на податоците од мерењата би бил веројатно во формата на нова планета колку Земјата. Сепак, од информациите измерени досега со Англо-Австралискиот Телескоп, два телескопа на NASA и еден од ЕВА (Европската вселенска агенција) го укажува токму тоа – дека енергијата денес е далеку помала него пред 2 милијарди години.
Според доминантната теорија за настанување на вселената, таа настанала од почетниот момент т.е. Големата експлозија (Big Bang). Неколку секунди по оваа експлозија се создавале егзотични честички поради присуството на огромна енергија (какви што создаваме денес во ГХС при CERN). Како што енергијата од експлозијата стивнувала и се распоредувала во просторот, така создавањето на егзотични честички се намалувало до нивоа каде денес истите вообичаено ги нема – освен во срцевината на ѕвездите и други екстремни вселенски појави како црни дупки и супернови. Анализирајќи ја енергијата која доаѓа од историјата (преку снимање на електромагнетните зрачења од ѕвездите и галаксиите кои се многу далеку) може да се забележат нивоата на енергија во секоја засебна фаза на постоењето на Универзумот.
Според професор Драјвер од тимот на научници кои работеле на студијата, „Судбината на Универзумот од тука натаму е да замре, во нешто како стара возраст која трае бесконечно. Универзумот практично легна на софата, се покри со ќебе и за малку ќе оддреме во безконечен сон“. Научниците не даваат предпоставки кога ќе се случи истото, но пред нас имаме барем неколку милијарди години „фора“. Да видиме дали ќе бидеме способни да ги искористиме како што треба или ќе се самоуништиме пред тоа.
Извор: ICRAR, IFLScience,