PLasma-tubes_web2_1024

Земјата има сопствено магнетно поле, тоа сите го знаеме. Исто така знаеме дека магнетните линии се простираат од едниот до другиот пол кој не секогаш кореспондира со географските полови и понекогаш се менува или изместува. Магнетното поле не` штити од штетното сончево зрачење кое би било погубно по живиот свет. Спојот на зрачењето од Сонцето со магнетното поле ја прави јоносферата, сфера на јонизирани честички кои се наоѓаат од 60 до 600 километри над површината.

Пред некое време беше дадена претпоставката дека јонизираните честички (плазма) поради земјиното магнетно поле би требало да формираат структури кои се простираат по насоката на магнетните линии и тоа во облик на цевки. Ваквата теорија беше набргу отфрлена како неиздржана, делумно поради тоа што нема докази за истото. Токму тоа го промени младиот австралиски студент Клео Лои, која докажа дека ваквите структури постојат.

Имено, таа ги анализирала и споредувала наодите од Murchison Widefield Array (MWA), еден вид на специјален радио-телескоп кој е составен од 128 засебни и одделени единици распоредени на површина од 9 километри квадратни во пустина во Австралија. Таа не само што ги видела плазма цевките и го потврдила нивното постоење, туку и ги користела антенските единици на MWA на иновативен начин за да ги види во 3Д. Практично, таа ги поделила наодите од источната и западната група на единици на две групи и потоа ги споредила нивните слики налик нашето стереоскопско 3Д гледање од две дводимензионални слики

Кога ги прикажала своите наоди на научната заедница првичната реакција била негативна, но по некое време успеала да ги убеди дека тоа што го пронашла навистина постои, а не е резултат на грешка во процедура или мерење. Во секој случај интересен наод и интересна структура која постои над Земјата.

Извор: News.co.au, ScienceAlert

Претходна статијаИнтел предводи нова ера на компјутерски искуства, интелигенција насекаде
Следна статија5 НФ филмови кои мора да ги гледате