CO2
Фото: Arni Saeberg, Climeworks

Во борбата против климатските промени како примарен адут се користи намалувањето на штетните емисии на CO2. Меѓутоа, како што покажуваат истражувањата, потребно е комплетно елиминирање на овие емисии за да се одбегнат понатамошен природен дисбаланс.

На ова поле свој особен придонес додадоа швајцарската компанија Climeworks и исландската Reykjavik Energy. Нивната геотермална централа произведува енергија, но не емитува CO2. Не само што не емитува штетни гасови, туку дополнително неутрализира извесен дел.

Геотермалната станица во Хелшејди, Исланд користи модул конструиран од Climeworks со кој „лови“ CO2 од воздухот. Така колектираниот штетен гас се врзува со вода, за потоа да се испрати во слој од земјината кора каде истиот се минерализира во карбонати.

Со ова се имитира природниот процес на создавање на карбонати, кои ќе останат недопрени наредните илјадници години. За очекување е дека ова ќе послужи како пример за идните инсталации од кои ќе се очекува негативна емисија на штетни гасови.

Сепак, важно да се напомене е дека се работи за експериментален модел кој е слабо ефективен по прашање на количеството на CO2 кое се елиминира. Дополнително цената на самата поставка претставува трошок за компанијата од 100 долари по метрички тон отстранет CO2.

Се чини дека ова е далеку од глобална примена, примарно поради цената за остварување на забележителен ефект. Меѓутоа, во догледно време земјите кои се соочуваат со проблеми со загадување на воздухот би можеле да бидат пионери во оваа област.

Извори: Engadget, Futurism

Претходна статијаВо Tesla стотици отпуштања по годинешната анализа на остварувањата
Следна статијаThe Pirate Bay експериментира со заработка преку „ископување“ криптовалути