dn27973-1_800

Теоријата на панспермија е интересна и доста контроверзна. Во основа се работи за теорија која се обидува да објасни можна распространетост на жив свет во вселената преку негов пренос со комети, астероиди и други тела кои се судираат со некои вселенски тела каде жив свет постои (на пример, бактерии) и потоа продолжуваат да летаат низ вселената носејќи го овој жив свет со себе и оставајќи го на некое друго вселенско тело. Во панспермија спаѓа и ненамерното пренесување на микронски жив свет со помош на вселенски бродови.

Ако теоријата за панспермија е точна (а има некои индикатори барем дека е можна), тогаш создавањето на жив свет на Земјата може да биде резултат не само на автохтоно создавање туку и на пренесување од некое друго место, што може да имплицира дека и на друго место можеби постои жив свет. За да се испита оваа теорија, научници од Универзитетот Харвард Хенри Лин и Абрахам Лејб, измислија метод за испитување на можната транспермија преку изработување на обратна симулација на движењето на сите ѕвезди од галаксијата.

Според нив, живиот свет можно е да се шири како „епидемија“ меѓу ѕвездените системи кои се блиски меѓу себе. Ако ова е точно, тогаш анализирањето кои ѕвездени системи биле блиски меѓу себе и особено блиски до нашето Сонце може да даде информација каде би можело да се очекува да се пренел жив свет. За ова да се случи живиот свет би морал да се шири доста брзо – односно, да патува со брзина од барем 10 километри во секунда како би го стигнал движењето на ѕвездите и би успеал да се прошири на други објекти.

Во секој случај интересен метод и интересна теорија која вреди да се испита, особено зошто Philae откри органски молекули на 67P – Чурјумов-Герасименко кометата, а астрофизичарите веќе подолго време знаат дека разни вселенски објекти со себе носат органски молекули.

Извор: IFLScience, America Space, New Scientist

Претходна статијаButterfleye – домашна камера која ќе се обиде да ви ја заштити приватноста
Следна статијаStartQube со покана до медиуми и посетители на официјалното отворање