macrophage

Ракот е една од епидемиите на новото време. Тој е конгломерат од повеќе типови на заболувања кои се базираат на клетки со ненормална функција, кои се копираат неконтролирано и одбиваат да се исклучат кога ќе им нареди имунитетниот систем. Ракот почнува толку да се шири меѓу луѓето во главно поради се` поголемата канцерогеност во исхраната, материјалите за работа како боите и лаковите, поради изложеноста на штетно УВ зрачење од Сонцето, а и уште од којзнае колку други фактори за кои што можеби не сме свесни. Дополнително, со решавање на другите болести и со зголемување на нашиот животен век, ракот е една од ретките болести кои се` уште не сме успеале да ги решиме или да ги контролираме, и практично на крајот тој успева да не` нападне каде што другите не успеваат.

Борбата против ракот е на сите фронтови. Луѓето почнуваат да бидат опседнати со антиоксиданси, менување на исхраната кон избегнување на канцерогена храна (како што е сојата на пример), редовно вежбање, грижа за чист воздух (за кој беше докажано дека е канцероген)… Научниците се обидуваат да најдат механизми како да ги сопрат клетките на ракот во нивното размножување, најчесто преку подобрување на имунитетниот систем или преку изнаоѓање на лекови (како цитостатици или антирак исхрана). Некогаш тие се обидуваат да влијаат на механиката на самите клетки на ракот за да ги уништат навремено.

Во таа смисла, научниците од Стенфорд универзитетот откриле начин како да преобратат еден вид на клетки од многу агресивен тип на рак во нормални имунитетни клетки. Акутна лимфоцитна леукемија (АЛЛ) е болест – рак која многу бргу се шири меѓу несозреаните клетки од кои треба да нстанат лимфоцитите, односно белите крвни зрнца. Во овој експеримент научниците ги испитувале прекурсор Б АЛЛ клетките кои биле со рак. Овие клетки развиле рак бидејќи не биле способни да се диференцираат во нормални Б-лимфоцити поради тоа што изгубиле молекули наречени транскрипциони фактори.

Научниците се обидувале да ги оддржат овие клетки во живот надвор од телото на пациентите и за таа цел им пуштале разни типови на молекули-транскрипциони фактори. При доставување на еден одреден тип на ваква молекула истражувачите од Стенфорд забележале дека тие почнале да ја менуваат својата форма и големина налик карактеристичната морфологија на макрофагите – тип на бели крвни зрнца одговорни за уништување на страни тела и оштетени клетки.

Потоа научниците почнале повеќе да ги развиваат ваквите клетки и да експериментираат со нив, и тие се покажале како способни да се борат против бактерии, како што прават и вистинските макрофаги. Тие ги сместиле во глувци без имунитетен систем и клетките не предизвикале рак кај глувците.

Практично, истражувачите успеале да создадат имунитетни клетки од клетките на многу агресивен рак со едноставно преобраќање, што е навистина огромен исчекор напред кон борбата со ракот воопшто и со овој конретен тип на рак. Останува да видиме дали овој или сличен начин на борба против ракот ќе може да се искористи и за другите видови на рак за да конечно ја нападнеме оваа епидемија која ни пречи на патот кон бесмрттноста.

Извор: IFScience, Medical News Today

Претходна статијаInfinit – сега и со верзија за Windows
Следна статијаПрилепска Пивара избира најдобра Златен Даб Android апликација