Веројатно сите сме чуле за теоријата за Големата експлозија (Биг Бенг). Според нејзе, Универзумот настанал во една супермасивна експлозија во која материјата која претходно била сместена во многу згусната состојба се распрскала насекаде. Неколку милисекунди по почетокот на експлозијата почнало да тече и времето (во зависност од верзијата на теоријата). Некои верзии на оваа теорија дури кажуваат дека Универзумот не бил компримиран во сингуларитетна точка која експлодирала, но сепак бил многу покомпримиран од денес.
Како и да е, досега беше прифатено дека ширење на Универзумот (веројатно поради таква експлозија) постои, преку мерење на менувањето на фреквенцискиот спектар од светлината која доаѓа од ѕвездите. Некои модели преку тоа открија дека Универзумот всушност се забрзува во своето оддалечување без разлика на гравитацијата која делува меѓу објектите, па дека е можно еден ден во далечната иднина ѕвездите толку да се оддалечат од себе што веќе ќе немаат никаков допир – и ќе се изгасат во огромната вселенска празнина. Ова се претпоставува дека се случува поради таканаречената „темна енергија“ која не можеме да ја забележиме, но создава ефекти врз објектите. Ова би претставувало крај на вселената.
Од друга страна, според најновиот обид да се толкува почетокот и крајот на Универзумот, тој ќе се шири уште некое време, ќе го застане своето ширење, по што ќе почне да се соединува веројатно повторно во сингуларитетна точка („големо смачкување“). Ова во својата студија го предложуваат научниците Немања Калопер и Антонио Падиља, од Универзитетите од Калифорнија и Нотингем.
Според нив: „Еден, технички природен избор за наклонот осигурува дека колапсот е неизбежен и на него му претходи од сегашната состојба на космичко забрзување“. Ова значи дека тие го земаат предвид моменталното ширење на Универзумот како дел од својот модел на понатамошен колапс. Досегашните модели генерално се двоеја на два типа: тие според кои Универзумот се стеснува поради гравитацијата, и тие според кои се шири.
Се` уште е рано да се најде макар и приближен датум за започнување на периодот на колапс на Универзумот, но според првичните индикации анализирани од Калопер и Падиља, ваквиот настан можеби би се случил за неколку десетици милијарди години. Ако човештвото успее да не се самоуништи дотогаш, да стане космички релевантно, да се иссели од Сончевиот систем и да победи евентуални други цивилизации за превласт, можеби ќе можеме да ја потврдиме на лице место ваквата теорија.