Полнолетното издание на највлијателниот фестивал во регионот собра рекорден број учесници и уште еднаш го потврди Ровињ како неизбежна точка на средби на комуникациската, медиумската, бизнис и креативна заедница. Во десет сали и шест фестивалски целини беа разменети идеи, искуства и визии што ќе ја обликуваат иднината на индустријата и општеството.

Weekend.18 го одбележаа и говорниците чии пораки одекнаа далеку надвор од Ровињ. Лара Боро, извршна директорка на The Economist Group, ја истакна важноста на објективноста и балансираниот пристап во известувањето: „Кога Трамп победи по втор пат, јавно регрутиравме новинари што го поддржуваат, затоа што сакавме да ја чуеме и таа перспектива. Не смее да има поларизација, мора да постојат двата пола. Дури и она што го кажува Трамп понекогаш може да биде точно и да има смисла.“

Мајкл Волф, автор на бестселерот Fire and Fury, потсети дека Трамп е „истовремено идиот и гениј. Идиот затоа што не знае речиси ништо и води војна против самата информација, гениј затоа што токму со тој хаос успеа да го освои вниманието и да биде центар на секоја дебата.“

Маријана ван Зелер, наградувана новинарка на National Geographic, во преполната сала ги сподели своите искуства од глобалните црни пазари и криумчарски мрежи, нагласувајќи дека „вистинската сила на приказната произлегува од искреноста и градењето односи, дури и со оние што живеат надвор од законот“.

Мирсада Беговиќ, уредничка на Al Jazeera English, го истакна контекстот во кој новинарите денес работат – свет обележан со војни, дезинформации и постојана поларизација, каде вистината е честопати прва жртва на глобалните кризи. „Во објективноста не смее да има сомнеж, дури и кога нашите животи висат на конец“, додаде Беговиќ.

Вториот ден на Weekend.18 започна со инспиративното предавање на Џејмс Тејлор, наградуван експерт за креативност и вештачка интелигенција, кој нагласи дека „нашата иднина зависи од тоа колку ќе ја поттикнуваме сопствената креативност, затоа што токму таа ја забрзува иновацијата повеќе од кој било код“.

Во текот на денот, Федерико Падерни, извршен директор за пазарите во развој во регионот EMEA во X, истакна дека „X повеќе не е само социјална мрежа, туку технолошка платформа што ја гради иднината во реално време, а брендовите мора да бидат подготвени на хипер-адаптивност. Комуникацијата ќе мора да биде повеќе персонализирана, а содржината порелевантна“, нагласувајќи дека само храбрите и флексибилни брендови ќе успеат во оваа брза и непредвидлива арена.

Фестивалот отвори простор и за регионални рефлексии. На панелот „Беа Србин, Хрват и Словенец…“ Анте Томиќ, Зоран Предин, Драгољуб Петровиќ и Зоран Кесиќ преку хумор и сатира ги исекоабалканските стереотипи, додека дебатата „Хејтери: Кои се тие чудни луѓе?“ покажа како онлајн омразата може да се неутрализира со автентичност и хумор. „470 илјади луѓе на мојот профил само чекаат да ме хејтаат“, рече Зоран Шпрајц, додека Ида Престер сподели коментар што го добила: „Југословенка, феминистка, комуњара, ама барем не е Србинка“, илустрирајќи ги апсурдните и бизарни начини на кои хејтерите напаѓаат поединци.

Посебна сила имаа и пораките на жените во редакциите. „Публиката ја препознава искреноста, а не имитацијата“, истакна Мојмира Пасторчиќ и додаде дека жените во вестите носат нова димензија: „Посензитивни сме на некое име, внесуваме емпатија и го менуваме тонот на известувањето.“ Сепак, призна дека новинарките често се соочуваат со притисоци кои немаат врска со работата: „Зошто на Шпрајц би му ги коментирале форите, а мене кошулите? Барам да се зборува за содржината. Не сакам да се зборува за мојата beauty-рутина, сакам да ме доживуваат сериозно како и колегите.“

Weekend.18 беше и место за најави на нови иницијативи. Ненад Милановиќ, основач и CEO на CAKE.com, најави основање на целосно независен медиум во Србија што ќе вработува новинари отпуштени поради критичко известување: „Не сакам да влезам во медиумскиот бизнис, но најважно е да постои медиум што ќе известува непристрасно за реалната состојба на терен и за сè што прави режимот.“

Додека едни панели отвораа општествени прашања, други му дадоа на фестивалот силна стратешка димензија. AI.Weekend, посветен исклучиво на вештачката интелигенција, покажа како технологијата веќе ги менува бизнис моделите. На две сцени беа презентирани примери на примена на АИ во медиумите, маркетингот, медицината, финансиите и креативните индустрии. Заклучокот беше јасен – вештачката интелигенција не им одзема работа на луѓето, туку ослободува време за креативни и стратешки задачи, додека одговорноста и етичката примена остануваат клучен предизвик.

HR.Weekend ги истакна најновите трендови во менаџментот, лидерството и корпоративната култура, отворајќи дебати за иднината на работењето во регионот; Finance.Weekend иницираше дискусии за иднината на пазарите и улогата на дигиталните иновации во финансиите; Investment.Weekend ја нагласи важноста на вложувањата во регионот и на одржливите проекти, додека Energy.Weekend ја стави во фокус клучната важност на енергетската транзиција.

Завршната порака на фестивалот беше јасна: „Weekend не е само фестивал, туку платформа што ги обликува трендовите и отвора разговори кои ја менуваат индустријата. Оваа година покажавме дека Ровињ не е само место на средби, туку и простор каде се раѓаат идеи што ќе ја обележат следната деценија“, заклучи директорот на фестивалот Томи Рицов.

Weekend.18 уште еднаш покажа дека не е само настан, туку движење – место каде што се среќаваат лидери и се обликува правецот по кој регионот ќе се движи во годините што следат.

Претходна статијаMicrosoft тестира додавање на Copilot копче на уште една локација во Windows 11
Следна статијаMediaTek го претстави нивниот Dimensity 9500 чип со подобрувања кај сите карактеристики