Репертоарот на стартот на Cinеdays започнува со отворање на изложбата на плакати во 19:30 часот во МКЦ именувана „Филмскиот плакат како визуелна гозба и информативна нарација“. Куратор на изложбата е Влатко Галевски кој вели „Колекцијата на плакати која фестивалот ја става на увид е на свој начин приказна за раѓањето на CINEDAYS во МКЦ. Факт е дека во 70-тите и 80-тите овде се промовира филмската уметност со сериозна фреквентност, а плакатот е комплексен печатен тизер кој ги содржи повеќето битни визуелни, па и наративни компоненти на филмската приказна. Со оваа изложба се потврдува блискоисториската вредност на некогашниот филмски репертоар на МКЦ.

По изложбата следува официјалното отворање со светска премиера на филмот „Мими“ на Даријан Пејовски на ГТЦ кров.

„Мими ги напушта своите родители, и болното минато од родното место, за да студира во Скопје. Ја запознава Сара – млада мајка со богат но насилен сопруг. Работејќи во киоскот на вујко ѝ, и како бебиситерка за Сара, Мими копнее по единственото што не може да го има – мајчинството.

Улогите ги толкуваат: Наталија Теодосиевска како Мими, Тамара Ристоска, Оливер Митковски, Петар Мирчевски, Сашко Коцев, Владимир Петровиќ, Стефан Спасов и други.

Даријан Пејовски е автор на сценариото по кое е снимен филмот, Дејан Димески стави свој потпис како кинематографер, сценографијата е на Игор Тошевски, Емилија И.Атанасовска – костимограф, Ива Куробаса – шминка и фризура, Александар Пејовски е автор на оригиналната музика, монтажата е на Владимир Павловски и дизајнот на звукот на Игор Поповски. Продуцент на филмот е Томи Салковски, а копродуценти се Дамир Терешак и Марко Јакимовиќ.

Филмот е копродукција на Скопје Филм Студио со Maxima film од Хрватска и Giggling goat production од Црна Гора, и истиот е направен со поддршка од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, ХАВЦ – Хрватскиот аудиовизуелен центар и Филмскиот центар на Црна Гора“.

Денот го завршуваме со првата забава со DJ сет на Соња Исмаил од 23:30 на плато МКЦ.

Претходна статијаПрикажан изгледот на Galaxy Watch5 серијата преку неофицијални слики
Следна статијаТрилатерална средба помеѓу Амбасадата на С.Р. Германија во Скопје