Во вечерните часови на вториот натпреварувачки ден на Европскиот Младински Олимписки Фестивал – Скопје 2025, младите кошаркарки и ја донесоа првата победа на Македонија на ЕМОФ, совладувајќи ја Литванија во Баскет 3х3 со резултат 14:11.
Останатите македонски репрезентации продолжија со борбени настапи во вториот ден, но повторно не успеаја да стигнат до победа. Женската ракометна репрезентација го запиша и вториот пораз, овојпат од селекцијата на Швајцарија (33:20) во второто коло од групната фаза. Машкиот тим, исто така, беше поразен, од селекцијата на Шпанија со 31:26.
На кошаркарските терени, девојките загубија убедливо од Финска (76:35), додека машката селекција не успеа да се наметне против Франција. Во одбојкарските натпревари, и машката и женската репрезентација беа поразени без освоен сет, обете играа против Словенија.
Големи атлетски возбудувања и злато за Србија во стрелаштво
Останатите борилишта на вториот ден донесоа нова доза спортски возбудувања и резултати, сјајни изданија на младите европски таленти. Финалните трки во атлетика, велосипедизам, стрелаштво и џудо ја зацврстија атмосферата на фестивалот како вистински празник на младинскиот спорт.
И покрај високите температури и топлото време, спортистите на отворено покажаа извонредна подготвеност и борбеност, измерените максимални 43 степени Целзиусови, не ја намалија спортската енергија што владееше на терените. Единствено, беа одложени дел од натпреварите во баскет 3×3, поради жештината и безбедноста на натпреварувачите.

Во финалето на 110 метри со пречки за момчиња, златниот медал го освои Рафаел Францини од Белгија со време од 13.24 секунди, а истото време го постигна и Французинот Маел Лануирен, но по фото-финишот, Францини беше прогласен за победник. Третото место, со заостанување од 0.22 секунди, му припадна на Ентони Перез од Шпанија.
Во финалето на 400 метри кај девојките, најбрза беше Живка Ремич од Словенија со време од 52.21 секунди. Италијанката Лаура Фратароли заврши втора (53.71), додека бронзата ја освои Ерин Фриел од Ирска со време од 54.02 секунди. Кај момчињата, златото замина во Чешка – Томас Хорак истрча за 46.60 секунди. Швеѓанецот Хуго Келандер беше втор, а Гркот Спиридон Конидарис го заокружи подиумот со време од 47.42 секунди.
На вториот натпреварувачки ден на ЕМОФ започнаа и друмските велосипедски трки, во Куманово. Во женска конкуренција, златниот медал го освои Каролина Хајдукова од Словачка, додека во машка конкуренција најбрз беше Јанис Бертуд од Швајцарија.
Во екипното финале во стрелаштво – 10 метри со воздушен пиштол, златниот медал му припадна тимот на Србија, кој во тесна и драматична завршница ја совлада Словенија со резултат 12:10.
Што не очекува во среда на ЕМОФ Скопје 2025?
Среда (23 јули) носи нов бран од спортски возбудувања на ЕМОФ Скопје 2025. Младите олимписки надежи ќе продолжат со настапи во 13 спортови на повеќе спортски арени во Скопје и Куманово.
На арената „Тодор Проески“ ќе се одржат финалните натпревари во машка конкуренција во скок во височина, 5 км брзо трчање, мешана штафета 4×400 метри, како и фрлање копје. Во салата „Јане Сандански“ се очекуваат возбудливи финалиња во џудо: девојки до 48 и 52 кг и момчиња до 60 и 66 кг.
Во Куманово ќе се одржи планински велосипедизам во двете конкуренции, а натпреварите продолжуваат и во останатите спортови – квалификации во пливање, гимнастика, пинг-понг, бадминтон и стрелаштво. Од утре започнуваат борбите во теквондо.
Детален распоред по спорт и временска рамка можете да најдете на следниот линк: skopje2025.sporteurope.org/schedule-and-results.