Скопје ќе стане центар за иновации во областа на вселенската технологија и здравството со одржувањето на деветиот CASSINI Хакатон од 16ти до 18ти мај 2025 година. Овој настан ја вклучува нашата држава во престижната европска иницијатива, која истовремено се одржува во 10 градови низ Европа. 

Настанот ќе се одржи во ИТ хабот Netaville – срцето на ИТ заедницата во Скопје.

Употреба на вселенската технологија за унапредување на здравствената заштита 

Темата на овој хакатон е „Вселената во поддршка на здравството“ (анг. Space for Healthcare), а учесниците ќе бидат мотивирани да ги искористат далечинските набљудувања на Земјата, сателитската навигација и вселенските податоци за тимско развивање на решенија за реални проблеми во здравството. Фокусот ќе биде на:

  • Следење и реакција при болести и здравствени ризици;
  • Подобрување на итните медицински услуги;
  • Унапредување на менталното здравје и благосостојба;

Хакатонот е дел од серијата CASSINI Хакатони, иницијатива на Европската комисија, имплементирана од Агенцијата за вселенска програма на ЕУ, со цел поттикнување на иновации, изработка на апликации и практична примена на вселенската технологија низ Европа.

Кој може да учествува?

Хакатонот е отворен за учесници од различни области, вклучувајќи:

  • Програмери и дизајнери;
  • Медицински професионалци;
  • Студенти и претприемачи;
  • Маркетинг експерти и вселенски ентузијасти;

Не е потребно претходно искуство во областа на вселенската технологија. За развој на своите решенија, регистрираните учесници ќе имаат пристап до ментори, обуки и најсовремени вселенски податоци од европскиот систем за далечинско набљудување на Земјата – Copernicus; системот кој го подобрува ГПС сигналот во Европа – EGNOS; и европскиот сателитски навигациски систем – Galileo. Овие системи и програми овозможуваат далечинско набљудување на Земјата, прецизна навигација и подобрување на сателитските сигнали, што ги прави клучни за развивање иновации во различни области како екологија, транспорт, медицина, безбедност и многу други.

Што добивате како учесници?

  • Награди за најиновативните решенија: 
    • на локално ниво: за прво место – 3000 EUR, награда од G+D Netcetera; 
    • на европско ниво: за прво место – 5000 EUR, за второ место – 3000 EUR, за трето место 1000 EUR, како и 100 часа менторство за победничкиот тим, организирано од централниот тим на CASSINI Hackathons, во текот на шесте месеци по хакатонот;
  • Можност вистински да придонесете кон подобрување на општеството, да го примените начелото за добробит на целото човештво и да ја унапредите здравствената заштита;
  • Вмрежување со национални и меѓународни лидери од космичката, здравствената и технолошката заедница;

Во тек е Кампањата за големи идеи – инспиративни предавања на најразлични теми поврзани со темата на хакатонот и истите може да се следат во живо или онлајн. Повеќе информации на https://hackathons.cassini.eu/hackathons/north-macedonia.

Остануваат уште неколку места. Обезбедете си место и бидете дел од ова возбудливо искуство: https://hackathons.cassini.eu/hackathons/north-macedonia.

Настанот е организиран од конзорциум на организации: G+D Netcetera, Здружение за вселенски развој ИНТЕРНЕШНЛ СПЕЈС АЛАЈНС – Кичево, Меѓународно КОСМИЧКО ДВИЖЕЊЕ – Битола, Македонски СТУДЕТНИ ЗА ИСТРАЖУВАЊЕ И РАЗВОЈ ОД КОСМОСОТ – Скопје, и во партнерска соработка со:

  • Останати локални вселенски организации: Македонско астрономско друштво (МАД), и Македонско истражувачко друштво (МИД);
  • Студентски организации: Универзитетското студентско собрание при УКИМ, Факултетските студентски собранија при ФИНКИ, ФЕИТ и Медицинскиот факултет на УКИМ, Македонската Медицинска Студентска Асоцијација, Националното студентско тело, и Европското здружение на студенти од електротехника;
  • Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ): Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), и Природно-математичкиот факултет (ПМФ); 
  • Средните училишта: Медицинското училиште на Град Скопје „Д-р Панче Караѓозов“ и Гимназијата „Јосип Броз – Тито“ од Битола;
  • Останати организации: Институт за добро управување и евроатлантски перспективи, ИГЕО Портал, и EarthCare.ai;

…како и многу други поддржувачи од македонската здравствена, академска и бизнис заедница.

Нашето учество во организацијата на европскиот CASSINI Хакатон претставува значаен момент што го потврдува македонскиот иновативен капацитет и потенцијал за примена на вселенските науки, право и технологии во различни области.

Претходна статијаApple можно е да претставува нови iPhone модели два пати годишно, наместо еднаш како сега