(24.06.2021) Следната недела, на 30 јуни и 1 јули 2021 година, ќе се одржи вториот регионален Мастерклас за жени од е-трговија од Балканот, под насловот: „Поддршка на жените претприемачи за време на нивното дигитално патување“, овој пат во виртуелен формат. Овој Мастерклас е дел од eTrade for Women иницијативата на УНКТАД (Телото на Обединетите нации за трговија, инвестиции и развој).

Настанот се организира под водство на Нина Ангеловска, која е назначена за УНКТАД Амбасадор за e-трговија за Балканот, а во ко-организација на УНКТАД и Асоцијација за е-трговија на Македонија каде Ангеловска е Претседател. Инаку овој мастерклас е дел од  серијалот „eTrade for Women Masterclasses“, кој се организира низ целиот свет, во соработка со жените – амбасадори за е-трговија на УНКТАД..

Регионалниот Мастерклас има за цел на едно место да собере 100 жени – дигитални претприемачи кои управуваат со дигиталната економија на Балканот (Северна Македонија, Албанија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска и Бугарија) и да им даде шанса да ги унапредат своите вештини и да се запознаат со други успешни жени од регионот.

Првиот ден од Мастеркласот ќе биде во „конференциски стил“, каде што сите учесници ќе можат да научат релевантни работи од еминентни говорници и експерти поврзани со е-трговијата преку keynote презентации. Во првиот ден од агендата ќе можат да се проследат и панел дискусија на високо ниво за креирање на политики во е-трговија, во која ќе учестуваат претставници од УНКТАД, од Холандската Амбасада на Република С. Македонија, од албанското Министерство за Финансии и Економија, Претседателот на АЕТМ како и претставник од приватниот сектор од Србија, како  и неформален „Fireside” разговор со Нина Ангеловска, кои ќе бидат достапни за целата јавност, во живо, преку социјалните профили на АЕТМ и УНКТАД. Вториот ден од Мастеркласот ќе биде т.н. „интерактивен ден“, посветен на интерактивни сесии за учење, како и на сесии за меѓусебно запознавање за учесниците и презентирање на нивните бизниси.

Ангеловска по втор пат беше избрана за „жена амбасадор на e- трговија“ од страна на УНКТАД, заедно со уште пет други успешни жени претприемачи од целиот свет во мај оваа година. Амбасадорките за е-трговија имаат за цел да ја инспирираат и ја поттикнуваат следната генерација жени претприемачи да градат поинклузивни дигитални екосистеми на локално ниво.

Во продолжение може да се погледне краткото видео од првиот регионален eTrade for Women Masterclass, кој се одржа физички во Скопје, во октомври 2019 година, каде што на едно место се собраа 40 жени дигитални претприемачи од Балканот.

Претходна статијаЏон Мекафи пронајден мртов во својата затворска ќелија во Шпанија
Следна статијаРСБСП: Статистиката потврдува – мотоциклистите и понатаму најранлива група на учесници во сообраќајот