
Со оглед на важноста на случувањата околу епидемијата со COVID-19, како што се нарекува официјално коронавирусот, сите сакаме да ги имаме сите информации, а посебно и мислења од луѓе кои сметаме дека имаат што да кажат и притоа знаат што зборат.
Бил Гејтс, кој веќе подолго време се занимава со помагање на сиромашните земји во справување со основни проблеми, доволно е навлезен во проблематиката и на епидемии. Тој преку неговиот блог излезе со мислење за коронавирусот, а даде и неколку предлози за што е тоа што треба да се подобри и промени со цел подобро справување со вакви ситуации во иднина.
Главната работа која тој ја кажува е дека се работи за сериозна епидемија која тој ја нарекува таква која се случува еднаш секој век. Последната ваква која може да се спореди со оваа е епидемијата во 1918 година.
Гејтс ја споредува и смртноста на COVID-19 со претходните, па така тој истакнува дека моментално смртноста на вирусот е околу 1%, што е повеќе пати поголема за разлика од сезонските грипови. Смртноста на епидемијата во 1918 година била 2%, додека одреден епидемија во 1957 имала смртност од 0,6%.
Проблемот кај COVID-19 го гледа во тоа што заболените имаат голем период на инкубација, па тие може да не прикажат симптоми и до 2 недели, време во кое тие можат да го пренесат вирусот. Се смета дека еден заразен човек го пренесува вирусот на околу 2-3 други луѓе, со што се добива експоненцијално зголемување на заболените.
Сепак, Гејтс нагласува дека ќе треба уште малку да се почека додека се донесат сите потребни заклучоци, а во меѓувреме треба подобро да се работи на развојот на вакцина. Повеќе можни вакцини се веќе во развој, па тој очекува дека тестирањата ќе можат да започнат од јуни.
Во својот блог Гејтс истакнува дека треба да ја подобриме ефикасноста во развивањето на вакцините, а исто така нагласува дека земјите и компаниите треба ги споделуваат своите информации повеќе, како и да ги зголемат своите буџети.