Tado е уште еден од големиот број на интересни уреди кои се претставувани на Kickstarter платформата. Тој исто така е дел од започнатиот тренд на поврзување на домашните уреди на интернет и со тоа ставајќи ги во категоријата на уреди кои што можете да ги контролирате од било која локација.
Tado е далечински управувач кој што се поставува на ѕидот во просторијата каде што имате клима уред, се поврзува со него и добивате можност за негова контрола на повеќе начини, за разлика од тоа што го нудат класичните далечински управувачи кои што доаѓаат со уредите. Поточно, tado се поврзува со клима уредот преку infrared технологијата, со вашиот паметен телефон преку Bluetooth и со интернет преку Wi-Fi. Со тоа уредот овозможува контролирање на клима уредот преку посебно направена апликација за паметните телефони. Tado ја контролира работата на клима уредот на неколку начини користејќи ги наведените конекции. Тој врши вклучување и исклучување на климата кога ќе влезете или излезете од просторијата врз основа на поврзаноста со паметниот телефон преку Bluetooth.
Кога сте излезени, преку апликацијата која што го користи GPS чипот, клима уредот е вклучен од страна на todo кога ќе дојдете во близина на вашето место на живеење, па никогаш климата нема да треба непотребно да ја оставате да работи кога не сте дома, а сепак кога ќе дојдете вашата просторија ќе ја имате саканата температура. Се разбира преку апликацијата можете самите да ја вклучувате и исклучувате климата, како и да ја прилагодувате температурата. Исто така, на апликацијата добивате нотификации за тоа дали климата е вклучена или не, односно кога истата се вклучила или исклучила. На предната страна од tado уредот е поставен капацитивен сензор со што можете да го користите како стандарден далечински додека сте дома.
Сумата која што треба да ја собере на Kickstarter изнесува 150.000 долари, од кои што досега се собрани скоро 70.000 на нешто помалку од еден месец до истекот на рокот. Цената за нарачка на todo е околу 100 долари зависно од времето на нарачка, а доколку сакате да ја изберете бојата на уредот истиот ќе ве чини 180 долари.