Можеби во името има многу X-ови, но новиот компјутер на Boxx има малку сантиметри… Во димензиите на куќиштето секако – 12х21,1х22,9 сантиметри, што го става во мини категоријата. Но, нека не ве лаже големината – ова е компјутер со сериозни перформанси.
Да почнеме од процесорот – Intel Xeon со 18 јадра, кој се користи за професионални програми и апликации, како на пример за едитирање видео. Исто така, има простор и за графичките карти од повисоките класи (не можат да се стават само најголемите гејмерски графички), а матичната плоча е на AsRock и тоа mini ITX X99 плоча.
Единствен недостаток на оваа плоча е што има простор за само две рам плочки, но со оглед на малите димензии, се чини може да се помине со ова – две плочки од 16 GB се и тоа како задоволителни. Од друга страна, Apexx 1 доаѓа со водено ладење, нешто што не е достапно ниту кај многу поголеми компјутери. Во куќиштето има простор и за задоволителни опции за простор за складирање податоци и тоа два M.2 NVME PCI-e SSD слотови на матичната и уште две места за 2.5 инчни SSD-а или HDD-a.
Сите овие можности спакувани во толку мало тело се возможни бидејќи напојувањето за компјутерот е надворешно и не зазема од внатрешниот простор, што е решение што веќе го користат многу производители. Иако не многу елегантно, барем придонесува да немате ни многу кабли кои ќе го расипат изгледот на компјутерот внатре.
Извор: PC World