Uber, компанијата која што стои зад развојот на истоимената популарна или омразена апликација (зависно од луѓето), ќе преземе дел од технологијата користена за развојот на Bing мапите, заедно со вработените во тој сектор во Microsoft.
Поточно се работи за 100 вработени кои што ќе преминат во новата компанија, кои што се одговорни за развојот на сликите, 3D погледите и слично во Bing Maps. Овие вработени ќе продолжат да работат на развојот на овие мапи и во Uber.
Информацијата прво беше објавена од страна на порталот TechCrunch, по што беше потврдена од двете засегнати компании преку известувања до порталите во САД.
Можеби оваа одлука на прв поглед е чудна, но кога ќе се разгледа начинот на работа на двете компании станува логична.
Microsoft справувајќи се со намалена популарност на нивната платформа, се концентрира на нивниот основен бизнис, па тоа често значи и ослободување од одредени делови од компанијата кои што се „неважни“ во вакви ситуации.
Uber, со оглед на фактот што нивната апликација се основа на прикажување на мапа за возачот да може да ги најде патниците, точноста и развојот на мапите е една од главните потреби на компанијата. Од тоа што може да се прочита, чести се проблемите при точното наоѓање на локацијата каде што се наоѓа патникот, па може да се претпостави на што ќе работат новите вработени во компанијата.
Извор: TechCrunch, Mashable