Фото: Samsung

Скопје, 29 мај 2025 – Samsung Electronics Co., Ltd. денес објави дека потпишала договор за целосно преземање на FläktGroup, водечки глобален добавувач на HVAC решенија, за сума од 1,5 милијарди евра од европската инвестициска фирма Triton. Со оглед на брзиот раст на глобалниот HVAC пазар, оваа аквизиција ја зајакнува посветеноста на Samsung за проширување и зацврстување на својот HVAC бизнис.

„Преку аквизицијата на FläktGroup, специјализирана за примена на HVAC технологии, Samsung Electronics постави темели да стане лидер во глобалниот HVAC сектор, нудејќи комплетен спектар на решенија за нашите клиенти,“ изјави TM Roh, вршител на должноста раководител на Device eXperience (DX) дивизијата во Samsung Electronics. „Нашата цел е да продолжиме да инвестираме и развиваме високорастечки HVAC бизнис како клучен двигател на идниот раст.“

FläktGroup, со седиште во Херне, Германија, има повеќе од сто години акумулирано технолошко искуство и способности за дизајн, нудејќи разновидни производи и решенија прилагодени на секој клиент. FläktGroup обезбедува HVAC системи со висока доверливост и ефикасност за широк спектар на објекти и установи, вклучувајќи дата-центри што бараат стабилно ладење, музеи и библиотеки што чуваат осетливи историски артефакти, аеродроми со голем број патници и големи болници каде контролата на хигиената, температурата и влажноста е од критично значење.

На глобалниот пазар на големи дата-центри, FläktGroup има постигнато високо задоволство кај клиентите благодарение на перформансите на производите, доверливоста и поддршката, постигнувајќи значителен раст на приходите во изминатите три години. HVAC решенијата на FläktGroup за дата-центри вклучуваат водечки производи за течно и воздушно ладење, кои овозможуваат намалена потрошувачка на енергија и придонесуваат пониско емитување на јаглерод.

Минатата година, FläktGroup ја освои наградата „Иновација за ладење на годината“ на DCS Cooling Awards, во знак на признание за нејзините иновативни и напредни технологии.

„Многу сме задоволни што FläktGroup стана дел од Samsung Electronics. Како врвна HVAC компанија со повеќе од еден век искуство, FläktGroup создава доверба кај голем број глобални клиенти поради технолошките и производствените иновации,“ изјави Trevor Young, извршен директор на FläktGroup. „Сега, со глобалната основа и инвестиции од Samsung, очекуваме уште побрз раст.“

Покрај дата-центрите, FläktGroup има портфолио од повеќе од 60 големи клиенти, меѓу кои водечки фармацевтски компании, биотехнолошки фирми, прехранбени компании и гигафабрики.

Samsung инвестира во HVAC како клучен двигател на растот

Се очекува HVAC индустријата да продолжи да расте поради побарувачката за иновативни и енергетски ефикасни решенија кои го подобруваат квалитетот на воздухот и овозможуваат контрола на температура и влажноста за комфор и безбедност. Samsung ќе продолжи да инвестира во HVAC бизнисот и неодамна направи аквизиции и инвестиции во роботика, медицинска технологија и аудио-производи за потрошувачи како дел од нејзината стратегија за проширување во нови сектори со растечки потенцијал.

Според некои прогнози на пазарот, се очекува примарниот HVAC пазар да порасне од 61 милијарда долари во 2024 година на 99 милијарди долари до 2030 година, со годишна стапка на раст од 8%, додека пазарот за ладење на дата-центри се очекува да расте со уште побрза стапка од 18% годишно. Сегментот за дата-центри има високи бариери за влез и бара глобално снабдувачко искуство и способност за понуда на оптимални решенија.

Со аквизицијата на FläktGroup, Samsung предвидува континуиран раст на побарувачката за дата-центри поради ширењето на генеративната вештачка интелигенција, роботиката, автономното возење, проширената реалност и други технологии.

Дополнително, решението на Samsung за интегрирана контрола на згради (b.IoT) и HVAC контролниот систем на FläktGroup (FläktEdge) ќе понудат целосен пакет за HVAC и енергетска контрола, преку што компанијата очекува проширување на услугите и бизнисот со одржување.

Samsung веќе го проширува својот HVAC бизнис со фокус на системи без канали (ductless systems), кои вклучуваат општи и системски клима-уреди за станбени и комерцијални згради. Во мај 2024 година, Samsung формираше заедничка компанија со Lennox International Inc. за зајакнување на својата позиција на HVAC пазарот во Северна Америка  го додаде и дистрибутивниот канал на Lennox во својата продажна мрежа.

Се очекува трансакцијата да заврши во текот на 2025 година.

Претходна статијаOpera претстави уште еден прелистувач, овој пат со ВИ агенти кои можат да извршуваат активности за корисникот
Следна статијаГласот на генерациите повторно одекнува: „Бијело дугме“ се случува повторно – во Скопје, во живо