Скопје, 20.10.2025 — Здружението ИНО ТЕХ КЛУБ Штип и Стартап Клуб Скопје организираат уникатeн настан за тестирање на рециклиран филамент за 3Д принтање и запознавање со можностите за трансформација на пластичен отпад во вреден производ. Настанот ќе се одржи на 28 октомври 2025 година (вторник) во Стартап Клуб Скопје, со почеток во 18:00 часот.
Овој настан е дел од проектот „Рециклиран филамент за 3Д принтање“, кој се спроведува во рамки на програмата „Екосистем за еко-иновации и циркуларна економија на Западен Балкан (EICEE)”, кофинансирана од Европската Унија и Владата на Црна Гора. Целта е поттикнување на иновацијата, одржливоста и практичната примена на принципите на циркуларната економија во стартап екосистемот во земјата.
На настанот, стартап компаниите ќе имаат можност:
- да се запознаат со процесот на создавање на рециклиран филамент за 3Д принтање,
- да го тестираат материјалот преку изработка на сопствен производ или прототип,
- и да споделат идеи за подобрување и идни примени на овој еко-иновациски производ.
Сите заинтересирани стартапи можат да се пријават најдоцна до 24 октомври 2025 година на: contact@inovativnost.mk или директно во Стартап Клуб Скопје.
Крајната цел на проектот е намалување на пластичниот отпад, поттикнување на циркуларната економија и развој на еколошки решенија за индустријата за 3Д принтање.
„Со оваа иницијатива не само што одговараме на еден од клучните еколошки предизвици, туку ја гледаме и можноста нашата земја да се позиционира како регионален лидер во иновативни и еколошки одржливи решенија. Ги покануваме сите граѓани, организации и компании да се приклучат и да ја поддржат оваа еко-иновативна иницијатива – затоа што иднината е зелена, паметна и кружна,“ – порачуваат од Здружението Ино Фаб Лаб, имплементатор на проектот.
Проектот „Рециклиран филамент за 3Д принтање“, кој го спроведува Здружението ИНО ТЕХ КЛУБ Штип, е кофинансиран од Европската Унија и Владата на Црна Гора преку регионалниот проект „Екосистем за еко-иновации и циркуларна економија на Западен Балкан“ (EICEE – Western Balkan Eco-Innovation and Circular Economy Ecosystem).