Овој вторник под отвореното небо на терасата во Ресторанот „Дион Стенковец“, македонската компанија за управување со амбалажен отпад Пакомак прослави 15 години постоење. Помеѓу најблиските партнери, соработници и поддржувачи, а придружено со избрана македонска забавна музика, компанијата одбележа уште една важна етапа во своето постоење.

Успешната приказна на Пакомак започна 2010 година, кога вкупно 11 домашни компании се организираа заедно за ја основаат Пакомак како непрофитна компанија која ќе ги организира и надгледува тековите на селективно одложување на нивниот амбалажен отпад и ќе се грижи истиот да го рециклираат.

Оттогаш, Пакомак прерасна во компанија која не само што практично придонесува кон развојот на инфраструктурата и културата за селектирање и рециклирање, туку и преку постојана едукација ја подига свеста за важноста на намалувањето на отпадот и неговото правилно одложување. Пакомак придонесе кон менување на перцепцијата за отпадот. Разните типови контејнери, канти, кутии за селекција станаа видливи на улиците, во школите, градинките и јавните места, достапни за многу општини низ земјава. Денес, преку системот на Пакомак се собира стаклена амбалажа во над 50% од угостителскиот сектор (ХОРЕКА), а и граѓаните се посовесни кон селекцијата на отпадот и еколошките теми генерално.

По повод 15-от роденден, пред присутните се обрати генералниот директор на Пакомак, Филип Ивановски: 

„Кога ја основавме Пакомак си поставивме големи и амбициозни цели, со цел да воспоставиме здрава врска со заедницата и да помогнеме во борбата за намалување на отпадот, неговото правилно спроведување, но и во едукацијата на нашите граѓани за тоа зошто е важно да се селектира и правилно да се одложува отпадот. Во секоја година од нашето постоење успеавме не само да ги оствариме, туку и да ги надминеме поставените цели, што ни дава огромно чувство на задоволство и надеж дека напорната работа ќе создаде подобри услови за идните генерации. Овие 15 години учевме, стекнувавме знаења и ја градевме нашата експертиза за да бидеме подобри, поуспешни, поефикасни… Денес сме посебно горди што со нашиот систем на партнери собираме над 40% од стаклената амбалажа во земјава и над 15 мил. парчиња лименки и шишиња преку нашите 84 ПВМ. Денес имаме над 790 компании-членки на нашиот систем кон кои имаме одговорност за совесно управување со нивниот амбалажен отпад, а соработуваме и со 68 општини и 30тина приватни компании во делот за собирање на отпадот. Не застануваме тука. Нашата цел е наредните години да бидат уште поуспешни. Затоа, ќе работиме уште понапорно и попосветено за да им оставиме подобар свет на следните генерации.“, рече Ивановски.

Преку активен придонес и постојана вклученост во подобрување на отпадната инфраструктура, Пакомак стана партнер на заедницата, но и значајна алка помеѓу институциите и граѓаните за остварување на одржливите цели. Заложбата за почиста и поздрава животна средина останува главен фокус во активностите на Пакомак и во годините кои доаѓаат. 

Претходна статијаВо годината на јубилејот НЛБ Банка со нова веб страница
Следна статијаSony денеска го одржува нивниот „State of Play“ стриминг настан