Истече и последното одложување на спроведување на законот според кој TikTok ќе мора да биде забранет во САД доколку апликацијата не биде продадена на инвеститори од земјата.
Сега изгледа ги имаме и инвеститорите кои треба да ја купат апликацијата од кинеската ByteDance и со тоа истата да може да продолжи да функционира во САД.
Според информациите, конзорциум од три компании ќе го преземат менаџирањето на TikTok од ByteDance во САД, а тие се неколку пати споменуваната Oracle, заедно со Andreessen Horowitz и Silver Lake Management.
За овој договор се најавува дека ќе се разговара во текот на утрешниот ден помеѓу Доналд Трамп и Ши Џинпинг, по што би требало да се знае дали дефинитивно ќе се реализира.
Договорот подразбира креирање на посебна верзија од TikTok за корисниците на САД, нешто што ќе треба да ги реши сомневањата за потенцијална закана за американската безбедност.
Трите компании би купиле 80% од апликацијата, додека ByteDance ќе задржи 20%, што значи дека кинеската компанија нема целосно да излезе од TikTok.
Сепак, според законот, американските инвеститори би требало да преземат контрола и врз алгоритамот на TikTok, нешто што според досегашните информации нема да биде случајот, односно ByteDance само ќе го лиценцира, но нема да ја изгуби контролата.
Алгоритамот е дел од законот во главно и поради верувањата дека кинеската страна може да одлучи што е тоа што ќе го гледаат американските корисници, а со тоа да влијае и на доста сериозни културни и политички промени.
Во наредните денови ќе се знае поточно што ќе се случува со TikTok во САД, а може да се каже дека за нас тоа не прави некоја посебна разлика со оглед на тоа што ќе продолжиме да ја користиме оригиналната апликација.