Reuters излезе со ексклузивна информација, добиена од тројца вработени во OpenAI, дека од компанијата планираат да претстават сопствен конкурент на Google Chrome, односно интернет прелистувач.
Повеќето конкуренти веќе имаат некаква форма на интеграција на вештачката интелигенција, а оваа недела на пазарот влегоа и од Perplexity со сега нивниот официјално достапен Comet прелистувач.
Зошто и OpenAI би сакале да претстават нивни прелистувач? Одговорот е едноставен. Интернет прелистувачите овозможуваат пристап до огромен број на информации за корисниците кои ги користат, па OpenAI секако би сакале дополнителен избор на податоци за нивните јазични модели.
Прелистувачот од OpenAI секако би дошол со интеграција на вештачката интелигенција, во форма слична на ChatGPT, како и ВИ агенти кои ќе можат да извршуваат доста активности за корисниците.
Според информациите, прелистувачот би бил направен на основа на Chromium, како и повеќето конкуренти на Chrome, а од OpenAI би биле доста сериозен играч доколку голем дел од нивните 500 милиони активни корисници се префрлат на нивниот прелистувач.
Засега нема никаква потврда од компанијата, кои во судскиот процес против Google имаат изјавено дека би дале понуда за купување на Chrome доколку одлуката биде дека Google тоа мора да го направат.
Ова го покажува интересот на компанијата за ваков производ, а познато е колку е клучен Chrome во бизнисот со реклами за Google, главниот извор на финансии на компанијата.