СЕПА е иницијатива на Европската Унија што ги поедноставува плаќањата во евра, овозможувајќи им на поединците, бизнисите и владите поедноставно управување со платежните услуги преку побрзи, поефикасни, потранспарентни и побезбедни плаќања во евра, кон и од земјите членки на СЕПА.

Патот кон СЕПА за нашата земја го отвори Народната банка со воспоставувањето на целосно нова правна рамка во доменот на плаќањата, усогласена со регулаторните барања на СЕПА и формалното поднесување на апликацијата за членство, за што Европскиот совет за плаќања на 6 март 2025 година донесе позитивна одлука. Со прифаќањето на Македонија во географската зона на СЕПА на македонските даватели на платежни услуги – банките им се овозможи да аплицираат за учество во СЕПА платежните шеми и оперативно вклучување за извршување на плаќањата во евра со сите земји членки почнувајќи од 6 октомври 2025 година. 

„Членството на НЛБ Банка Скопје во СЕПА ја потврдува нашата посветеност кон иновации, интеграција и финансиска достапност за сите наши клиенти. Тоа е стратешки потег кој ја подобрува позицијата на македонските граѓани и компании на европскиот пазар и ги отвора вратите кон европскиот финансиски систем, овозможувајќи им на поединците и бизнисите од Република С. Македонија поефикасно да учествуваат во економијата на Еврозоната. Од друга страна, приклучувањето кон СЕПА придонесува кон напорите за целосна финансиска интеграција на нашата земја во европскиот економски простор“- истакнуваат од НЛБ Банка Скопје. 

Пристапот во СЕПА на НЛБ Банка Скопје се очекува да биде на почетокот на октомври годинава, по техничката интеграција на Банката со системот. Со приклучувањето кон СЕПА, НЛБ Банка Скопје ќе им овозможи на своите клиенти да вршат и примаат плаќања во евра низ, во моментов 40 земји-членки на СЕПА, со истата леснотија и ефикасност како и домашните трансфери. 

Стандардизираните процеси и информативните формати на СЕПА обезбедуваат јасност и предвидливост во платните операции, побрзи трансакции – плаќањата во евра се обработуваат истиот или најдоцна следниот работен ден низ земјите на СЕПА, подобрени деловни можности и низа други придобивки за граѓаните и компаниите.

Претходна статијаMicrosoft претстави два нови Copilot+ компјутери како надградба на ланските модели