За време на 52то издание на “Paris Air Show” кое традиционално се одржува секоја 2ра година уште од 1909та, на коe светските гиганти во аеро и спејс инустријата ги претставуваат своите најнови технолошки иновации, македонската компанија Њуменс Бизнис Акцелератор потпиша договор за старт на соработката со Европската Вселенска Агенција – ESA и Француската Вселенска Агенција – CNES. За време на свеченоста присуствуаа претставници и од Канадската и од Јапонската Вселенска Аганција.
Како дел од соработката компанијата Њуменс ќе биде задолжена за проширување на натпреварот за вселенски технологии “Act In Space” на територијата на Соединетите Американски Држави и тоа на 15 локации меѓу кои Вашингтон, Масачусетс, Њу Јорк, Чикаго, Лос Анџелес, Сан Франциско, Сиетл, Хјустон, Кејп Канаверал.
Она што го прави овој натпревар посебно атрактивен е што е наменет првенствено за стартап тимови кои ќе развијат комерцијални решенија врз основа на постоечки патенти на Европската Вселенска Агенција или на некоја од корпоративните партнери на натпреварот како што е гигантот Ербас (Airbus) кои понатаму ќе продолжат со финансиска и стратешка поддршка на стартап компанијата со цел лансирање на решението на пазарот. За најдобрите стартапи предвидено вклучување во некој од 16те инкубатори за вселенски технологии на ЕСА во земјите членки на оваа аганција.
Директорката на Њуменс Ирена Чаушевска информираше дека ќе овозможат вклучување и на македонски стартапи преку организирање на Act In Space натпревар во еден град од Македонија во мај 2018 година. Чаушевска посочи и дека потрагата по квалитетни тимови ќе започне уште од септември 2017 година кои ќе имаат доволно време да се подготват за конечно нашата земја да ја добие и првата стартап компанија за аеро и спејс индустрија регистрирана во Македонија која ќе има отворени можности за соработка со клиенти од Европскиот и Американскиот пазар, а Македонија постепено да прерасне во хаб за аеро и спејс иновации во овој дел од Европа. Имајќи во предвид дека Њуменс Бизнис Акцелераторот е носител и на лиценцата за натпреварот NASA Space Apps Challenge кој веќе 5 години го организира и во Македонија, и со кого израснаа и се развија многу млади таленти, од Њуменс сметаат дека е дојден вистинскиот момент за следните чекори во оваа област.
Во рамки на Њуменс делуваат Академија за напредни вештини во компјутерски и креативни технологии и поддршка при вработување, како и Акцелератор за иновативни компании и идеи.