Во време кога главен производ на Microsoft беше Windows, а на чело на компанијата беше импулсивниот Стив Балмер, на софтверот со отворен код се гледаше како на нешто што целосно го руши бизнис моделот на компанијата.
Стив Балмер е познат по својата изјава дека Linux е канцер и во тоа време не можеше да се замисли дека некогаш ќе се случува тоа што се случува денес.
Сатја Надела се смета за целосно различен кога е во прашање карактерот и начинот на водење на компанијата. Кога на тоа ќе се додаде дека Microsoft веќе го нема во преден и прв план Windows, туку сервисите во „облакот“, не е чудно што од компанијата целосно го сменија ставот за отворениот код.
Денес Microsoft придонесува во многу проекти за софтвер со отворен код, а тука е и соработката со Canonical за имплементација на Ubuntu во Windows 10.
Претседателот на одборот на директори на Microsoft, во разговор со MIT, истакна дека од компанијата биле на погрешната страна на историјата кога софтверот со отворен код „експлодирал“ на почетокот на овој век.
Иако ниту една Linux дистрибуција на десктоп не успеа да се приближи на популарноста и бројот на корисници на Windows, сепак Linux може слободно да се каже дека „победи“ кога се во прашање серверите. Во денешно време поголемиот број на сервери во светот функционираат на некоја Linux дистрибуција, а истите сега може да се најдат и на Azure сервисот од Microsoft.