Општествено одговорната кампања на „Макпетрол“ ги проширува своите активности и во Општина Виница. Во рамки на „Крени глас против врсничко насилство“, учениците од образовните установи во оваа општина ќе имаат можност да учествуваат во работилници за подетално запознавање со проблемот со булингот. Соработката со компанијата беше одбележана со потпишување меморандум од градоначалникот Миле Петков и членката на управниот одбор и директорка во компанијата, Марија Јосифовска-Спасовска. За училиштата „Макпетрол“ ќе испечати и едукативни материјали.

– Врсничкото насилство е навистина сериозен проблем на којшто треба сите во општеството да најдеме начин како, најпрво, да го препознаеме, а потоа и соодветно да реагираме. Токму од тоа чувство на одговорност, токму од таа потреба да придонесеме во развојот на заедницата, се роди идејата за оваа кампања која што гледаме дека е препознаена како вредност во најразличните сегменти од нашето живеење. Приклучувањето на голем број општини, каде што овозможуваме да се одржат едукативни работилници и обезбедуваме образовни материјали на темата, ни укажува дека ова е појава за чие што решавање имаме поддржувачи и партнери со кои што заеднички работиме. Примарна цел, секако, ни е подобрување на состојбата на децата и на младите, на кои булингот најдиректно и најдолгорочно им влијае –  вели Јосифовска-Спасовска.

Битола, Штип, Бутел, Петровец и Чучер-Сандево изминатиов период се приклучија на „Крени глас против врсничко насилство“. До крајот на 2023 година компанијата потпиша меморандуми за соработка и со Центар, Аеродром, Гази Баба, Гевгелија, Демир Капија, Куманово, Карпош, Кисела Вода, како и Ѓорче Петров. Заедно со Виница, вкупниот број на вклучени општини сега е 14. Работилниците против булинг досега опфатија повеќе од 40 основни училишта и неколку илјади ученици кои што се стекнаа со знаења за оваа алармантна појава.

Во текот на работилниците, учениците, преку разговор и вежби кои што ги води психолог со долгогодишно искуство со темата, ги разгледуваат повеќето аспекти на врсничкото насилство. На овие средби учествуваат и стручните служби кои што имаат можност да се стекнат со знаења што потоа можат да ги применат во секојдневната настава. Младите, наставниците, но и психолозите и педагозите, на работилниците се запознаваат со формите на булинг, како што се физичкото, вербалното, психичкото, социјалното и сајбер-насилството.

Интернет-страницата kreniglas.mk е централен дел на кампањата „Крени глас против врсничкото насилство“. На оваа платформа се поставени детални информации, совети и искуства кои што можат да помогнат во препознавањето, соочувањето и потенцијалното разрешување на случаите со булинг. Со заштита на анонимноста, како клучна кога се разговара за овој проблем, секој што сака или чувствува потреба, може на вебсајтот да ја раскаже својата приказна поврзана со булингот. Дополнително, без откривање на личните податоци, исто така, преку интерактивни тестови може да се дознае дали некој бил извршител, жртва или набљудувач на случаи со врсничко насилство.

Преку активностите кои што се дел од кампањата „Крени глас против врсничко насилство“, „Макпетрол“ реализира еден од своите стратешки приоритети – општествената одговорност. Компанијата ја испраќа пораката „Стоп за булинг“ и цели кон поттикнување јавна дискусија и зголемен интерес за проблемот со врсничкото насилство. Реализацијата на овие цели веќе е препознаена од голем број општини и нивните образовни установи од сите делови на земјата кои што се приклучија на кампањата.

Претходна статијаMicrosoft објави листа на команди кои може да ги изврши Copilot во Windows
Следна статијаSignal ја зголеми приватноста на корисниците со можноста за криење на телефонскиот број