Со силна порака за отворање на македонската наука кон европските истражувачки центри и поврзување на академијата со индустријата, на Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје денес се одржа ИНФО ДЕН посветен на можностите за поддршка на научно-истражувачката дејност преку ново потпишаниот Рамковен договор со Здружениот истражувачки центар (Joint Research Centre – JRC) на Европската комисија. Настанот ги обедини водечките претставници од академската заедница, Владата и меѓународни партнери, кои дискутираа за иднината на науката во Македонија и нејзината улога во развојот на одржлива енергетика, паметна индустрија и трансфер на знаење.
Деканот на Машинскиот факултет – Скопје, проф. д-р Златко Петрески истакна дека овој ИНФО ДЕН претставува значаен чекор напред во отворање на македонското научно-истражувачко општество кон европските мрежи на знаење и иновации. Тој потенцираше дека партнерството со Здружениот истражувачки центар на Европската комисија е повеќе од формално и создава можност за македонските истражувачи да пристапат до врвни ресурси, знаење и заеднички проекти од клучно значење за идниот развој на државата.
„Веруваме дека токму преку вакви соработки може да изградиме мостови меѓу академијата, индустријата и европските истражувачки институции. Темите кои денес ги отворивме, како што се енергетската безбедност со акцент на гасната инфраструктура, одржливите материјали за изградба на одржливи згради и инфраструктура, индустрија 4.0 и паметната специјализација, сите тие со својата актуелност носат силни можности за трансформација на нашето општество. Машинскиот факултет ќе продолжи да биде двигател на научниот и технолошкиот напредок во Македонија, со јасна цел за создавање генерации истражувачи кои ќе мислат глобално, ќе делуваат локално и ќе придонесуваат за европска и одржлива иднина во Македонија,“ рече проф. д-р Петрески.

Претседателот на Владата, проф. д-р Христијан Мицкоски посочи дека овој настан е порака дека фокусот на оваа Влада, во соработка со Машинскиот факултет и Канцеларијата на Европската комисија кај нас, е науката. Тој нагласи дека тоа е многу важно, бидејќи само со наука може да одиме напред.
„Ако ја развиваме науката може да одиме напред. Без силна наука, без силно образование, без силно високо образование, но и не само високо, образованието треба да биде силно уште од претшколска возраст, преку основното, средното и до високото, не може да имаме силен раст на државата, не може да имаме на економијата, а со самото тоа понатаму и во другите сектори. Добро е што ќе има размена на научници. Добро е што наши научници ќе патуваат надвор, од надвор ќе доаѓаат научници кај нас. Со тоа се прави трансфер на знаење, се прави мрежа, се публикуваат научни трудови, се помага на индустријата. Тоа е многу важно да се каже дека сите овие научни достигнувања, коишто очекуваме да бидат резултат од овој проект, да помогнат на развојот на индустријата, со тоа и на економијата“, рече премиерот проф. д-р Христијан Мицкоски и додаде дека ваквите настани имаат целосна поддршка од Владата.
Министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска посочи дека надградената соработка се однесува на клучни области како зајакнување на инфраструктурата за истражување и развој, усовршување на инструментите за управување и политика, како и развој на механизми за следење и евалуација. Дополнително, соработката ќе ја промовира мобилноста на истражувачите, нудејќи можности за докторски и постдокторски кандидати од земјава да бидат сместени во научните директорати на Здружениот истражувачки центар на Европската комисија.
„Соработката меѓу Македонија и Здружениот истражувачки центар на Европската комисија влегува во нова ветувачка фаза. Мојата неодамнешна посета на институтот во Испра ја потврди нашата посветеност за продлабочување и проширување на ова партнерство и со големо задоволство денес го официјализираме тоа со потпишување на Рамковен договор за истражување, кој ќе биде од клучна важност за спроведување на Стратегијата за паметна специјализација на државата”, рече министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска истакна дека денес се соочуваме со најголемите предизвици за тоа како да се обезбеди сигурна, достапна и чиста енергија, како да се направи рударството поодговорно, поефикасно и технолошки напредно, а притоа да не се загрози природното наследство.
„Одговорите нема да дојдат од кабинетите. Ќе дојдат од лабораториите, од теренот, од соработката меѓу владините институции и научната заедница. Затоа сме денес тука – да кажеме јасно: науката не е додаток на енергетиката. Таа е двигател. Ја гледаме иднината во хидрогенот, во дигитализацијата на енергетските системи, во критичните минерали за батерии и паметни уреди, во напредните градежни материјали и во развојот на нови технологии за искористување на минералните ресурси. Но за да стигнеме таму – ни требаат истражувачи кои ќе се приклучат на европските програми, кои ќе донесат проекти, инвестиции и знаење дома. Македонија има квалитетни луѓе. Имаме знаење, имаме идеи, но долго време немавме доволно поддршка, платформи и структури што ќе го овозможат вистинскиот пробив. Затоа сме денес тука – да направиме пресврт“, рече министерката Божиновска.