Директорот на Google и Alphabet, Сундар Пичаи, испрати писмо до вработените преку кое ги информира за промени во структурата на компанијата која може да се каже ја донесува една од поголемите досега.
Промените се истакнува дека се направени за зголемување на брзината и извршувањето на задачите и плановите во компанијата, а очекувано, во центарот на сите овие промени е вештачката интелигенција.
Може да се види дека реорганизацијата вклучува доста спојувања на сектори, од каде доаѓа и очекувањето за подобрена и побрза работа и одлучување.
Споени ќе бидат секторите кои работат на повеќе работи поврзани со развојот на вештачка интелигенција, квантни компјутери и слично. Конкретно, се спојуваат секторите за развој на јазичните модели, за истражување, заедно со Google DeepMind секторот кој веќе беше резултат на спојување на DeepMind и Brain тимовите.
Тоа што посебно привлекува внимание е спојувањето на секторите кои досега посебно работеа на развој на Android системот и Pixel уредите. Развојот на софтверските решенија и хардверските во Google сега ќе биде под еден сектор наречен Platforms and Devices.
Развојот на софтверот и хардверот ќе биде заедно со тимови за развој на вештачка интелигенција, па повторно може да се види дека „таа“ е во центарот на реорганизацијата во сите делови.
Како дел од реорганизацијата доаѓа и посебен сектор кој ќе работи на тоа да развојот на вештачката интелигенција биде контролиран и одговорен. Овие тимови исто така и досега беа дел од Google, но сега добиваат поголемо значење, а се префрлуваат и во делот каде ќе биде главниот развој на ВИ.