Google, наместо да ја купи целата компанија, ги ангажира двајцата основачи и уште неколку инженери на стартап компанијата Windsurf. Со тоа тие условно ги расипаа плановите на OpenAI кои со месеци беа во преговори за купување на компанијата.
Двајцата основачи на Windsurf, Варун Мохан и Даглас Чен, стануваат дел од Google DeepMind и ќе работат на развојот на Gemini јазичните модели. Со нив доаѓаат и уште неколку инженери од секторот за истражување и развој, па може да се каже дека главните и одговорни на компанијата, преминуваат во Google.
Оваа компанија стана позната во голем дел и поради интересот од страна на OpenAI, а проблем во преговорите беше пристапот до технологијата од страна на Microsoft, кои имаат таков договор со OpenAI.
Windsurf е компанија која беше основата во 2021 година и работи на развој на големи јазични модели конкретно наменети за програмирање. Оваа област е една од најмногу „погодените“, барем засега, а се очекува дека во иднина поголемиот дел од кодот ќе биде напишан од страна на вештачката интелигенција.
Засега ВИ прави доволно грешки да се постави прашањето во кој правец ќе одат работите, но како алатка, ВИ дефинитивно направи огромна разлика во оваа област.