
Своевремено најголемиот производител на паметни телефони во светот, BlackBerry, последниве неколку години поминува скоро незабележано на сцената. Сепак, нивниот бренд се’ уште вреди кај купувачите и затоа тие почнаа да продаваат лиценци за него на други производители – на тој начин TCL и ги произведува Blackberry смартфоните.
Новата стратегија на BlackBerry е нивното лого да стои на многу различни производи, како таблети, паметни часовници и друг тип на паметни уреди кои се носат, медицински уреди, бела техника итн. Да, логото на BlackBerry во иднина ќе го гледаме на многу производи, но тоа не значи дека секогаш ќе го добиете квалитетот кој го очекувате од тој бренд.
Сепак, идејата на BlackBerry е малку подлабока од тоа. Имено, сите паметни уреди кои ќе го носат ова лого ќе мора да ги вклучуваат сервисите на BlackBerry, кои најчесто се насочени кон зголемување на приватноста на корисникот, како на пример BlackBerry Secure. Поточно, канадскиот гигант на овој начин планира да ги привлече корисниците во својот облак на сервиси, нешто слично како што прави Microsoft во моментов.
Секако, ова не значи дека BlackBerry уредите ќе бидат инстантен успех. За да поминат на пазарот кај широката публика на ваквите уреди ќе им треба многу повеќе од само безбедносни сервиси, кои реално на многу луѓе и не им се познати, а не им се ниту потребни.
Извор: TechnoBuffalo, Engadget, CNBC