Објавите на X кои доаѓаат во форма на линкови ќе добијат подобар „третман“ на оваа мрежа. Од компанијата најавија две новини кои ќе треба да ја подобрат успешноста на ваквите објави, па тие кои објавуваат линкови во периодот што следи можат да очекуваат тие да стигнат до повеќе корисници.
Првата новина ќе биде пуштена на iOS верзијата за почеток, а го менува начинот на којшто се отвораат линковите. Наместо линкот да се отвори на целиот екран, како досега, објавата на X ќе остане достапна на долната страна, а посебно копчињата за „лајкување“ и споделување на истата.
Тоа ќе им овозможи на корисниците да реагираат на објавата, а и да останат на мрежата, нешто што според информациите послабо се случува со сегашниот формат.
Дополнително, Елон Маск објави дека целосно го менуваат начинот на препорака на објавите, па наместо користење на класичниот алгоритам, познат за сите мрежи, X ќе почне да го користи Grok, односно вештачката интелигенција.
Според Маск, Grok ќе ги чита сите објави, а и ќе ги гледа сите видеа, па врз основа на тоа ќе одлучува која објава ќе му биде интересна на некој корисник.
Со оваа промена одреден раст на достапноста на објавите можат да очекуваат корисниците со помал број на следбеници, па со тоа би требало повеќето да бидат задоволни со нивниот успех на X.
Маск ги најавува овие промени за наредните 4 до 6 недели, а корисниците веќе постепено ќе можат да почнат да ги забележуваат промените кај објавите.