X, односно до пред некое време Twitter, ќе го промени форматот на објавите при споделувањето на статии на мрежата. Сегашниот формат ги повлекува насловната слика, насловот и мал дел од текстот, како што е случајот со Facebook, на пример.
Во иднина, споделените статии на X ќе ја прикажуваат само насловната слика, како и линкот, со што ќе се знае дека на сликата треба да се притисне за да се отвори статијата.
Корисниците на овој начин ќе бидат мотивирани да напишат нешто повеќе при објавата на X, па да не се ослонуваат само на автоматски повлечената информација при објавите.
Оваа промена ја потврди Елон Маск кој додаде дека се работи за негова идеја. Причината за ваквата промена е во главно естетска, според него и ќе придонесе до подобар изглед на мрежата.
На ова може да се додаде идејата на Маск да што повеќе корисници ја користат оваа мрежа за директна објава на статии, па на овој начин корисниците ќе се навикнат дека X сепак е место каде секој има што да каже, без разлика дали се работи за споделување на линк.
Според информациите, на доста огласувачи не им се допаднала оваа идеја, но истата сепак треба да биде спроведена.