Шансите се дека повеќето од вас ја немаат видено оваа промена, односно истата е во фаза на тестирање на ограничена бројка на корисници. Се работи за прикажување на омилените твитови, како и новите работи кои што ги следите, на корисниците кои што ве следат, се разбира и обратно.
Оваа промена наидува на негативни реакции од сите корисници кои што ја имаат видено на своите листи со новости. Тоа е и разбирливо поради фактот што твитовите кои што ги означувате како омилени до сега се сметаа за ваша приватна работа, а доколку некој твит сакате да го споделите со вашите следбеници, истото го правите со retweet на истиот. Доколку омилените твитови почнат да се појавуваат на листата со новости, големи се шансите корисниците да го променат начинот на кој што ја користат оваа функција на социјалната мрежа, а можеби и целосно да престанат да ја користат. Сепак се работи за тест, активност која што компанијата истакнува дека од време на време ја прави на одреден број на корисници. Од нивните реакции може да одлучат дали тоа што го тестираат треба или не треба да го воведат за сите корисници.
Според досегашните реакции мали се шансите оваа промена да биде официјално воведена за сите корисници. Дали ја користите можноста за означување на одредени твитови како омилени и дали ваква промена би влијаела на вашето користење ?
Слика: TNW