Без разлика за што е наменета одредена социјална мрежа, на крајот целиот труд кој што е вложен и се вложува во нејзиното креирање и одржување мора да биде наплатен на некаков начин. Се разбира за еден интернет сервис кој што е бесплатен за корисниците, најдобриот начин за заработка од него е продавањето на рекламен простор. Ова е и начинот од кој што живеат повеќето интернет компании кои што работат со масовна посетеност од корисниците.
Рекламирањето во денешно време се одвива се повеќе врз основа на точно таргетирани реклами, а се помалку масовно на сите можни корисници. Со тоа се постигнува поголем ефект од кампањата која што точно се насочува кон луѓето кои што би требало да бидат заинтересирани за производот или сервисот кој што се нуди.
За да компаниите кои што нудат можност за рекламирање, а со тоа и избор на тергети на корисници, подобро и прецизно го извршат таргетирањето потребно е тие да имаат што повеќе информации за нивните корисници. Сигурно веднаш ви текнува на Facebook или Google кои што се пример за успешно вакво работење. Компаниите сакаат да знаат што повеќе за вашите желби, навики, работи кои што ги користите за да ве стават во што поконкретни категории на корисници.
Еден од начините за откривање на навиките на корисниците, а со тоа нудење на таргетирани реклами е анализа на листата од апликации кои што ги имате инсталирано на вашиот уред. Врз основа на оваа листа може да се одреди дополнително за каков вид на корисник се работи, односно кои се вашите навики и желби.
Twitter најави дека ќе започне со следење на апликациите кои што ги имате инсталирано на вашиот уред со цел подобрување на вашето корисничко искуство на мрежата. Тоа значи дека врз основа на овие информации од Twitter ќе можат да ги прилагодат следните работи:
- Подобрување на „кого да следите“ предлозите соодветно на вашите споделени интереси
- Додавање на твитови, сметки и друга содржина која што од компанијата сметаат дека ќе ви биде интересна
- Прикажување на за вас повеќе важна промовирана содржина
Двете најмногу користени платформи овозможуваат пристап до информацијата кои апликации ги имате инсталирано на вашиот уред. На iOS ова функционира преку добивање на моментална листа на апликации кои што во моментот се вклучени на уредот, додека на Android може да се добие листа на сите инсталирани апликации доколку апликацијата која што го прави тоа го има стриктно истакнато во условите за користење на апликацијата.
Сепак, следењето на апликациите е само во форма на добивање на листа на нивните имиња. Апликациите од трети страни не можат да ја следат содржината и комуникацијата на апликациите. Исто така, Twitter ќе овозможи да го исклучите следењето на вашите апликации преку сетинзите во апликацијата.
Следењето на апликациите уште не е започнато, а за истото ќе бидете известени преку апликацијата.
Како да го исклучите следењето на инсталираните апликации на вашиот уред
Доколку не сакате Twitter да ја има вашата листа со инсталирани апликации, можноста можете да ја исклучите. Исклучувањето можете да го направите на два начини. Едниот начин е да ја исклучите оваа можност за сите апликации, односно не само за Twitter и се прави преку сетирањата во вашиот уред.
Тоа се прави преку чекирање на „Limit ad tracking” на iOS или “Opt out of interest based-ads” на Android во Account Settings > Google > Ads. Доколку ова го направите пред започнување на новата функција, истата ќе биде автоматски исклучена.
Доколку покасно сакате да ја исклучите функцијата, истото можете да го направите преку самата апликација. Тоа можете да го направите преку влегување во Settings на Twitter апликацијата на вашиот уред и избирање на вашата сметка. Треба да ја побарате опцијата “Tailor Twitter based on my apps”, па доколку ја имате можете да ја исклучите.
Извор: Twitter, Re/Code, TechCrunch