Со новата стратегија на сервиси во облакот, Microsoft сериозно сака да почнете да го користите нивното OneDrive решение. Во случај да не сте запознаени OneDrive е cloud storage решение од компанијата конкуренција на познатите Dropbox, Google Drive, Box и слични. Во наредните месец дена OneDrive ќе понуди поголем простор за корисниците, како за бесплатните, така и за корисниците кои што плаќаат некоја од претплатите на Office 365 со кои што следува простор во облакот. Исто така цените за купување на дополнителен простор за корисниците само на OneDrive се намалуваат за 70%.
До сега корисниците ги добиваа следните можности со претплатата на OneDrive или на Office 365. Со креирање на бесплатна сметка ви следуваа 7GB простор за складирање на документи, слики, видеа, фајлови и слично. Со месечните претплати за домашни корисници на Office 365 добивавте 20GB дополнителен простор на вашата сметка, како и можност за доделување на таа предност на 5 дополнителни корисници.
Сега со креирање на бесплатна сметка, а постојните корисници се автоматски префрлени, добивате 15GB простор за складирање. Корисниците на Office 365 добиваат 1TB простор кој што исто така можат да го доделат на до 5 корисници, кои што сите ќе добијат по 1TB простор за складирање на нивните фајлови.
Доколку сакате да доплатите за простор, односно не сте корисник на Office 365, цените за дополнителен простор значително се намалени. Па така, за дополнителни 100GB наместо досегашните 7,49 долари, сега ќе треба да плаќате 1,99 долари месечно. За дополнителни 200GB наместо досегашните 11,49 долари, сега ќе плаќате 3,99 долари месечно. Постојните корисници автоматски ќе бидат префрлени на новите цени.
Промената на вклучениот простор, како и намалувањето на цените е директен одговор на понудата од страна на Google од каде што веќе одамна бесплатната сметка вклучува 15GB простор. Дополнителниот простор кој што може да се докупи од Google вклучува 1,99 долари месечно за 100GB, како и 9,99 долари месечно за простор од 1TB.
OneDrive покрај на веб е достапен преку апликации на повеќето платформи, односно на Windows, Windows Phone, Android и iOS. Главната страна на сервисот можете да ја погледнете преку следниот линк.
Промените треба да бидат достапни за корисниците во наредните месец дена.
Извор: OneDrive