Дали имате нешто што би сакале да и го кажете на некоја личност, но немате храброст тоа да го направите, можеби сакате да се пошегувате со некој од вашите пријатели? Со Leak веб сервисот за анонимни email пораки, тоа можете да го направите, а личноста која што ја добива пораката нема да знае од кого е испратена. Се поставува прашањето дали навистина постојат реални причини за испраќање на анонимни пораки, па останува веројатноста дека вакви сервис би биле користени повеќе во негативни цели.
Како и да е, живееме во време кога голем дел од луѓето сигурно би имале што да кажат доколку тоа можат да го направат анонимно. Leak сервисот е направен да биде наједноставен што може. Нема регистрирање, не се користат лозинки, туку едноставно ја внесувате email пораката од личноста на која што сакате да и испратите порака, избирате од листата од 5 можни испраќачи, ја внесувате содржината и ја испраќате пораката. Листата од 5 можни испраќачи е составена од пријател, колега, роднина, пријател на пријател и некој.
Со оглед на времето во кое што живееме, се очекува дека сервисот најмногу ќе се користи за негативни пораки или шеги од пријателите. Сепак развивачот има направено листа на работи кои што би требало и не би требало да се испраќаат преку Leak. Па така, се препорачува анонимноста да се користи за добро, да бидете културни, да се забавувате, а доколку некој не се придржува до овие правила, слободно можете да го пријавите. Работи кои што не се препорачани вклучуваат закани, малтретирање, говор на омраза, порнографија, лични информации на други луѓе, спам и слично.
На страна на сервисот поставени се и неколку пораки кои што се испратени преку него за да можете да видите какви пораки испраќаат корисниците, а и за што е наменет овој сервис.
Анонимна порака можете да испратите преку веб, односно сервисот не вклучува и мобилна апликација.
Дали ваков сервис е нешто што би сакале да користите и дали ќе испратите порака на некого ?