Главниот на Instagram во Meta, Адам Мосери, објави неколку новини кои доаѓаат кај оваа друштвена мрежа. Целата објава е направена во тотално чуден стил, а главната поента се врти околу стравот кој го имаат креаторите кога објавуваат нешто.
Како и да е, две од новините кои доаѓаат ќе направат разлика за корисниците, а тие ја вклучуваат можноста да се промени редоследот на сликите кај профилот на корисниците, како и можноста објавите да не се прикажуваат кај пријателите.
Сликите кои се прикажуваат кога ќе се отвори профилот на еден корисник уште од почетокот се хронолошки. Тоа значи дека најновата слика е прва, па истите продолжуваат се до првата објавена слика која е најдолу на листата.
Сега корисниците ќе можат да го променат овој редослед и да изберат која слика каде се прикажува. На овој начин тие ќе можат да истакнат одредени слики, а ќе можат да направат нивниот профил поинтересно да изгледа.
Втората новина ја донесува можноста кога ќе се објави некоја слика, истата да не биде објавена и на листата со нови објави на пријателите. Сликата ќе биде достапна на профилот на корисникот, но за истата пријателите ќе можат да дознаат само ако го отворат профилот на корисникот или некој ја сподели сликата.
Од мрежата најавија и дека ја пуштаат за сите корисниците функцијата „пробни reels“. Корисниците ќе можат да ги објават овие видеа за тие кои не ги следат, како проба, по што ќе можат да ги пуштат за нивните пријатели, односно следбеници.