Неофицијални информации укажуваат на можноста двете познати јапонски компании, Honda и Nissan, да се спојат во една компанија. Наводно двете компании разговараат за продлабочување на веќе започнатата соработка, кое може да доведе и до нивно спојување.
Оваа информација може да се каже дека не доаѓа како големо изненадување, а посебно по информациите од минатиот месец за доста слабото функционирање на Nissan. Од компанија отпуштија 9.000 вработени, а објавен беше и пад од 85% на профитот во вториот квартал од годината.
Спојувањето на двете компании би создало компанија со вредност од 54 милијарди долари и капацитет на производство на 7,4 милиони возила годишно. Тоа би ја ставило новата компанија на трето место во светот по продажба на автомобили веднаш зад Toyota и Volkswagen.
Причината за проблемите на Nissan, а и генерално договорената соработка со Honda оваа година, како и сега се’ уште непотврдени разговори за подлабока соработка, е доста големата конкуренција на пазарот на електрични автомобили. Тоа посебно доаѓа до израз од конкурентите од Кина, како и Tesla.
Honda и Nissan оваа година договорија соработка во развојот на електричните автомобили.
Секако, на Honda им оди многу подобро од Nissan, па вредноста на оваа компанија изнесува околу 43 милијарди долари, што значи дека доколку дојде до спојување, поголемата вредност ја донесува оваа компанија.
Спојувањето на двете компании се смета како една од можностите, па можно е сепак да биде договорена поголема соработка, а се најавува и можноста за создавање на нова холдинг компанија.
Според информациите, двете компании разгледуваат можност за соработка со Mitsubishi, компанија во која Nissan има 24% удел.