Веруваме дека сите ја знаете апликацијата/сервис наречена Viber. Таа овозможува праќање на пораки, слики и остварување на разговори меѓу нејзините корисници користејќи ја Интернет врската што овозможува да не трошите минути од вашиот пакет на мобилниот оператор за да комуницирате со некој, па дури и значително да скратите на трошоците кога комуницирате со некој што се наоѓа во странство. Иако квалитетот на аудио-разговорите е под прашање (често прекинува или касни), опцијата да се праќаат текстуални пораки е нашироко користена од корисниците, особено кај нас.
Знаејќи го ова луѓето кои го развиваат Viber само што воведоа нова опција – Public Chats. Public Chats во својата основа многу наликува на јавните објави на Твитер, па и на Фејсбук. Оваа опција е замислена како можност да ги гледате разговорите помеѓу личностите кои што својот разговор го имаат направено јавен. Тоа значи дека во главно оваа можност, барем на почетокот ќе биде наменета за јавните личности, како што се актерите, пејачите, спортистите и слично.
Со ваквата опција луѓето од Viber практично се обидуваат да го претворат истиот во квази социјална мрежа, што може да им успее имајќи предвид дека сервисот има околу 209 милиони корисници. Следењето на личности кои објавуваат јавни објави се прави преку самата апликација во која може да се назначи кои точно луѓе сакате да ги следите, а веројатно јавните личности ангажирани од Viber ќе имаат посебен статус.
За таа цел и за успешно лансирање на Public Chats од Viber имаат ангажирано повеќе јавни личности и канали, како што се Хилтон, Тајлер Оукли, Пол ван Дајк, европскиот фудбалски канал COPA90 и други. Обичните корисници се` уште немаат можност директно да објавуваат јавни објави, но во меѓувреме можат да испратат порака која сакаат да им биде објавена на publicchats@viber.com, по што ќе биде проверена и објавена ако им се допаѓа. Ова е воведено бидејќи оваа опција е во бета верзија и се тестира како ќе работи.
Извор: Engadget, Techcrunch, Wired