Google официјално го започна процесот на тргање на поддршката за екстензии направени врз основа на Manifest V2 од јуни оваа година. Новите екстензии ќе треба да бидат направени во новата верзија Manifest V3, а истата донесува повеќе новини поврзани со безбедноста на корисниците и нивната приватност.
Сепак, главното вниманието со оваа промена го добива неможноста за функционирање на едни од најпознатите екстензии, блокирачите на реклами. Тие ќе можат да функционираат, но не како и досега, па ќе бидат доста ограничени и веќе нема да можат да го нудат истото ниво на функционалност.
Google веќе ги означува екстензиите кои веќе нема да можат да продолжат да функционираат, а една од најпознатите е uBlokc Origin. Оваа екстензија сега има „лесна“ верзија која ќе продолжи да функционира, но нејзината вредност не е иста.
Корисниците ќе имаат можност да го одложат овој процес, а тоа можат да го направат преку додавање на вредност во регистарот од Windows. Со додавањето на „ExtensionManifestV2Availability“ како DWORD (32-Bit Value) во „Computer\HKEY_LOCAL_MACHINE\SOFTWARE\Policies\Google\Chrome“и поставување на „hexadecimal“ вредноса на 2, Manifest V2 екстензиите треба да можат да продолжат да функционираат до идниот јуни.
Оваа можност доаѓа официјално од Google, односно истата е наменета за бизнис корисниците кои можат да постават правило за своите корисници и да ја продолжат поддршката за Manifest V2.
Не е познато дали Google ќе има проблем со оваа можност да ја користат сите корисници и дали нешто би направиле за да ја спречат.
Овој „хак“ функционира за било кој од Chromium прелистувачите, а може да се направи соодветно и на другите оперативни системи.