Opera е меѓу најпознатите интернет прелистувачи кој што за жал има многу мал дел од пазарот. Една од најпопуларните верзии од овој прелистувач беше Opera Mini која што се користеше на мобилните телефони пред да бидат во оваа денешна „паметна“ форма, како и пред излегувањето на Chrome и Firefox за Android.
Норвешката компанија која што стои зад развојот на прелистувачот, склучи договор со Microsoft, новиот сопственик на Nokia уредите, нивниот прелистувач Opera Mini да биде стандардниот на нивните уреди. Поточно, сите уреди кои што работат на оперативните системи Series 30+, Series 40 и Asha од сега, па натаму ќе го вклучуваат овој прелистувач на местото на досегашниот Xpress. На корисниците на постојните уреди ќе им биде препорачано да го инсталираат или надградат овој прелистувач и да продолжат да го користат наместо досегашниот.
Ќе биде интересно да се види дали оваа соработка ќе доведе до развој на Opera прелистувачот и за Windows Phone платформата за која што сите нови апликации се добредојдени. Сепак Microsoft го развива својот Internet Explorer за оваа платформа, па не е сигурно колку се заинтересирани за други популарни прелистувачи да бидат достапни за корисниците.