Shazam е позната апликација, достапна на повеќето платформи, преку која што вршите препознавање на музика, односно ви дава информации за песната, изведувачот, албумот и слично, на музиката што свири во ваша близина. Препознавањето се прави на тој начин што ја вклучувате апликацијата секогаш кога ќе слушнете некоја песна, па со едно притискање на копчето, за неколку секунди ги добивате информациите.
До сега за да препознаете одредена музика, иако едноставно, потребно беше да го извадите вашиот мобилен, да ја вклучите апликацијата и да притиснете на копчето за препознавање. Со најновата верзија на Shazam за iPhone, 7.3.0, оваа активност станува многу поедноставна. Се работи за функција достапна за iPad од Мај оваа година, која што ви овозможува да вклучите автоматско препознавање на секоја музика што стига до микрофонот на мобилниот телефон. Тоа значи дека кога ќе го вклучите автоматското препознавање, каде и да се наоѓате, секогаш кога ќе има музика во позадина, Shazam истата ќе ја препознае и ќе ја зачува во посебна листа на автоматски зачувани содржини. Многу корисна функција, посебно за ситуации кога се наоѓате во вашиот автомобил и го слушате вашето омилено радио, па сакате да зачувате барем неколку песни за да можете да ги додадете во вашата колекција дома.
Единствена негативна страна на оваа нова функција е трошењето на батеријата поради тоа што апликацијата е цело време вклучена во позадина и чека да препознае одредена музика. За заштеда на батеријата, сепак доколку еден час не е користена апликацијата, истата се пушта во состојба на „спиење“, односно Sleep mode, па нема непотребно да работи во позадина доколку не се наоѓате некаде каде што има музика. Се разбира секогаш можете да ја исклучите оваа функција преку менито, доколку сметате дека не ви е потребна во моментот, па да ја вклучувате само по потреба.
Оваа функција на Shazam моментално е достапна само за iPhone, но ќе биде додадена и на Android верзијата во иднина. Можете да ја симнете преку App Store или преку следниот линк.