Поминати се скоро две години од пуштањето за јавноста на ChatGPT, а потоа сите гледаме што се случува, односно колкава е популарноста и достапноста на ваквите алатки.
Алатките со генеративна вештачка интелигенција и големи јазични модели, се користат во многу области, како пишување на текстови, код, пребарување на разни теми и слично.
Тренирањето на јазичните модели се прави на достапната содржина од луѓето секако, но и покрај тоа, најчесто очигледен е посебниот стил кој го имаат ВИ алатките.
Истражувачите од Центарот за луѓе и машини при Макс-Планк Институтот за Човеков Развој од Германија, се имаат заинтересирано дали алатките со вештачка интелигенција влијаат на начинот на којшто се изразуваат, односно говорат луѓето.
Во истражување кое го имаат објавено на arXiv, со наслов „Емпириски докази за влијанието на големите јазични модели на човековата усна комуникација“, истражувачите доаѓаат до заклучок дека ова влијание дефинитивно постои.
Хирому Јакура, еден од истражувачите, го има забележано ова влијание кај себеси, поради што се интересира да истражи дали оваа појава е масовна.
Влијанието на ВИ алатките се забележува преку откривање на одредени зборови кои често се користат во содржината која е генерирана од нив. До откривање на ваквите зборови е дојдено преку ставање на милиони страници на имејл пораки, есеи, академски истражувања, статии од новости во ChatGPT, по што е побарано тие да бидат изменети и подобрени.
Потоа, зборовите кои се откриени како често користени од страна на ВИ, се споредени со зборовите кои ги користат луѓето во повеќе од 360.000 YouTube видеа, како и повеќе од 771.000 подкасти.
Заклучокот е дека по појавата на алатките со вештачка интелигенција, дефинитивно може да се забележи влијание врз говорот на луѓето. Тоа што прво е тренирано на говорот на луѓето, сега влијае обратно, односно на секојдневниот говор.
Ова истражување не е проверено од страна на стручната заедница, но доколку е точно, покажува влијание кое ќе го имаат ваквите алатки на човекот, како и нивото на доверба кое го имаат во нив. Луѓето е нормално да имитираат, но тоа обично го прават од страни кои ги сметаат за информирани и на кои им веруваат.