Пуштањето на новиот GPT-5 јазичен модел и реакцијата на дел од корисниците, откри нешто што беше очекувано и сигурно познато за доста луѓе. Корисниците се приврзуваат со ChatGPT и промената на јазичниот модел, која донесе промена и во стилот на давање одговори, претставуваше проблем, поради што OpenAI ја врати можноста за избор на GPT-4o.
Директорот на компанијата, Сем Алтман, кој веќе имаше не толку кратка објава на X, вчера излезе со уште една објава која целосно се однесува на начинот на кој корисниците имаат интеракција со ChatGPT, колку тие го користат овој „четбот“ за совети и носење одлуки и слично.
Објавата Алтман ја започнува со приврзаноста која стана јасно дека ја имаат некои луѓе за одредени јазични модели, по пуштањето на GPT-5. Оваа приврзаност изгледа како различна и посилна од било која друга технологија досега. Тој истакнува дека ова е нешто што се следи во компанијата одреден период, меѓутоа сѐ уште не го добива потребно јавно внимание.
Проблемот кој потенцијално може да се јави е кај луѓето кои не прават баш најдобро разлика помеѓу тоа што е реалност и фантазија, па вештачката интелигенција може тоа да го засили.
Исто така, барањето помош и совети од ChatGPT може да е добра работа кога истата ги насочува корисниците кон нивните цели, но може да е проблем ако се насочени кон цели кои не се добри за нив.
Алтман истакнува дека доста луѓе гледаат на ChatGPT како на психолог или животен учител, иако тоа не би го кажале баш така свесно и јавно.
На крајот, Алтман истакнува дека може да ја замисли иднината како луѓето навистина му веруваат на ChatGPT и советите кои ги дава при носењето на важни одлуки. Иако ова може да биде добро, сепак него го прави да се чувствува нелагодно.
Целата објава на Сем Алтман можете да ја прочитате во продолжение.