ChatGPT Projects функцијата им станува достапна и на корисниците кои не плаќаат претплата за ChatGPT. Истата веднаш е достапна преку веб, како и на Android апликацијата, додека на iOS ќе стане достапна во наредните неколку денови.
Ова е стандардно веќе за OpenAI, па повеќето нови функции кои прво им се достапни на претплатниците, подоцна им стануваат достапни и на бесплатните корисници, секако со одредени ограничувања кои би ги мотивирале да почнат да плаќаат доколку навистина им се потребни.
ChatGPT Projects функцијата во основа претставува можност за групирање на разговорите во посебни папки, а со тоа се добива можноста за подобро организирање на одредени конкретни разговори.
Покрај можноста да се организираат разговорите во папки, оваа функцијата овозможува и поставување на одредени правила кај папките, како на пример, начинот на којшто вештачката интелигенција ќе ги дава одговорите, кои датотеки да се користат како извори на информации и слично.
Од компанијата најавија и дека го зголемуваат ограничувањето на бројот на големи датотеки кои можат да се прикачат во секоја од папките, на 25 за Plus претплатниците, односно 40 за Premium претплатниците.
Кај бесплатните корисници ова ограничување е поставено на 5 датотеки.
Корисниците ја имаат и можноста да избираат различни бои и икони на секоја од папките, а секоја папка ќе има своја посебна меморија, односно „памтење“ на дадените информации.