Денес (31.10.2019 година) се одржа 16тата конференција на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии МАСИТ со темата – DATA AS AN ASSET.

Поттикнати од аспирациите на македонските ИКТ компании да станат поконкурентни на европскиот и светскиот пазар, како и од прогресивни извозни волумени на ИКТ индустријата, ИКТ Комората МАСИТ панелите и дискусиите ги насочи кон една особено важна и пресудна тема: податоци. Според заклучоците од дискусиите, податоците мора да лежат во срцето на сите процеси на одлучување и да бидат третирани како инструмент на доверба. Емпириски, компаниите кои носат одлуки базирани на податоци, добиени преку навремени истражувања се докажано поуспешни во своето работење па оттука, податоците се главен критичен фактор за успех.

Конференцијата ја отвори г-ѓа Анета Антова Пешева, Претседател на УО на МАСИТ која во воведниот панел во рамки на своето обраќање изјави: “ИКТ индустријата е најбрзорастечка, самостојна, без никакви субвенции и помош, со млад кадар кој рамо до рамо се развива со светските трендови. Затоа предлагам, да ги слушнеме денес експертите од оваа широка област која ќе биде иднината на светот. Со ова уште еднаш ќе потврдиме дека навистина не сме само сервис на стопанството, како што не третираат со години, туку дека ние сме ‘рбетот на стопанството и без нас економските процеси се невозможни. Кога ќе го разберат тоа креаторите на економските политики во државава, ќе тргнеме сите напред.”

Во рамки на воведното обраќање исто така се обрати г-дин Дамјан Манчевски /  Министерот за информатичко општество и администрација кој во воведното обраќање изјави: “Со пуштање во употреба на Регистарот на население, а многу скоро и Националниот портал за е-услуги, државата обезбедува едно повисоко ниво на пристап до податоците на граѓаните од една страна и посебна заштита на личните податоци од друга. Регистарот на население овозможува собирање на податоци за физички лица и нивно користење од страна на надлежните институции за потребите на нивните управни постапки. Регистарот им овозможува на институциите кои работат со личните податоци на граѓаните, тука да ги најдат најновите и најпрецизни податоци за граѓаните без потреба од рачно одржување и ажурирање.”

Г-дин Стефан Томаџан – Заменик шеф на мисија на Амбасадата на Швајцарија истакна: „Швајцарската агенција за поддршка и развој, преку проектот Зголемување на пазарната вработливост- ИМЕ, ќе соработува со компаниите од областа на Информатичките технологии да ги надминат предизвиците со кои се соочуваат, пред се постојаната потреба од адекватен кадар и задржување на вработените. За да се надминат овие состојби секторот ќе треба да инвестира во: професионализација на кадарот, развој на секторска стратегија, посебно во идентификување на пазарите, понуда на нови – иновативни продукти, да го спроведе процесот на дигитализација и да го продолжи дијалогот со владините институции за прилагодување на постојните политики кон потребите на пазарот. “

Во дискусиите се говореше и за Big Data & Analytics, Business Intelligence, Business analysis, Business development, Machine Learning, Artificial Intelligence, Robotics, Smart Home, Internet of things. На конференцијата присуствуваa повеќе од 200 претставници од домашните и странските ИКТ компании и компании од други сектори, како и претставници од државни институции и министерства, претставници на донаторската и меѓународна дипломатска заедница, академски претставници од ИКТ научната област медиуми и други.

Конференцијата беше организирана од страна на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, поддржана од страна на ИМЕ – Проектот за зголемување на пазарната вработливост финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка, а имплементиран од страна на Паладиум. Конференцијата е спонзорирана од Oracle, Asseco SEE & Payten, Datamasters, Neocom, Pixel, Endava, Semos, КБ Прво пензиско друштво, Прокредит Банка, Poly и Бреинстер.

Претходна статијаSamsung претстави два нови лаптоп компјутери со QLED екран и тенок и лесен дизајн
Следна статијаHuawei Nova 5T со пет камери со вештачка интелигенција достапен на македонскиот пазар