Со оглед на тоа што полека ме напушта опсесијата со гледање видеа и читање написи за се што е поврзано со Гејм, можев да конзумирам некои други, поразлични содржини.

Како лесно можеш да излажеш луѓе со добар маркетинг

Fyre e најдобриот музички фестивал што никогаш не се одржaл. Документарецот со ист наслов прикажува како неколку ентузијасти (меѓу кои и познатиот рапер Џа Рул) се обидуваат да организираат музички фестивал „from the scratch“. Проблемот е што почнуваат со маркетингот, а дури потоа преминуваат кон потешкото: обезбедување локација и инфраструктура, договарање на музички ѕвезди итн.

Сето тоа се претвора во една епска катастрофа. Но, ентузијазмот со кој се залетаа посетителите без да знаат ништо конкретно за тоа каде ќе патуваат и преспиваат е добар пример за помодарство преку кое многу луѓе беа осиромашени за илјадници долари. Организаторот е во затвор, но ветува дека Fyre фестивалот ќе биде сигурно одржан во иднина. Се прашувам колку илјадници карти ќе бидат купени тогаш.

Game of Thrones Season 8 Pitch Meeting

Кога веќе сме кај Гејм, ми остана во сеќавање видеото подолу. Иако пародија, deep down поентите што ги спомнува ликов не се толку неверојатни. Напротив, звучат како легитимна причина за мноштвото одлуки што ги донесоа креаторите на Гејм за последната сезона. Митови, наговестувања, пророштва, заработени краеви на ликовите, 10 епизоди наместо 6? Нема везе, сето тоа се фрла низ прозор за крајот да дојде што побргу.

Подкасти од кои може да се научи нешто ново

Ramit Sethi — Automating Finances, Negotiating Prenups, and More (Tim Ferriss Show). Рамит Сети е авторитет во САД за се што е поврзано со лични финансии. Има објавено неколку бестселери и курсеви за раководење со финансиите кои се купувани и посетувани од милиони. Човекот знае што зборува. Иако добар дел од муабетот им се фокусира на предбрачните договори во САД и инвестирање во фондови (кои исто се интересни да се ислушаат), Рамит дава и практични совети и начини за размислување преку кои може повеќе да заштедите, или уште подобро, повеќе да заработите.

Joe Rogan Experience #1309 – Naval Ravikant. Богот на подкастите, Џо Роган, разговара со еден од најпочитуваните инвеститори во САД, Навал Равикант. Познат како „инвеститорот филозоф“, Равикант е веројатно најпросветлениот инвеститор во западната хемисфера. Кога го слушате, ја чувствувате неговата смиреност. Тој зборува за медитација (смета дека да бидеш ОК со тоа да бидеш сам е супермоќ која секој може да ја добие), вештачка интелигенција, еволуција, и многу други теми. Човек од кој можат да се научат многу работи.

Претходна статијаAMD го претстави Ryzen 9 3950X – процесор со 16 јадра наменет за гејмерите
Следна статијаУспешно завршен вториот циклус од едукативната програма „Интернетот не е само игра… Кликај безбедно“