Колкава е важноста за Македонија да биде домаќин на еден ваков голем меѓународен спортски настан и кои се стратешките придобивки за државата и за спортот?

Организацијата на ЕМОФ Скопје 2025 има исклучително стратешко значење за Македонија – и на спортски и на државен план. За првпат сме домаќини на најголемиот мултиспортски младински настан на Стариот континент, што е директна потврда дека сме подготвени да организираме настани од европски ранг. Преку оваа организација не само што се вложуваме во инфраструктурата, туку инвестираме во нашата иднина – во младите луѓе, во спортот, во кадарот, и во меѓународниот углед на државата.

Овој фестивал ќе покаже дека Македонија има капацитет не само да ги пречека, туку и да им понуди врвно спортско и културно искуство на спортистите, тренерите, официјалните делегации и медиумите од целиот континент. Исто така, ќе ги ставиме македонските градови, пред сè Скопје и Куманово, на европската спортска мапа. Ова е повеќе од фестивал – ова е национален проект со долгорочен ефект.

Колку македонски спортисти ќе учествуваат на ЕМОФ Скопје 2025 и што значи тоа за нив и за иднината на македонскиот спорт?

Една од највредните придобивки од организацијата на ЕМОФ е тоа што за првпат имаме можност да вклучиме речиси 200 млади македонски спортисти во програмата. Ова е огромен скок, имајќи предвид дека досега учествувавме со само 3 до 4 спортисти на овие фестивали. Овие деца не се тука само за бројка – тие се иднината на македонскиот спорт.

Она што е особено важно е што преку нив почнуваме да градиме национална банка на спортски податоци. Ќе ги следиме нивните резултати, развојот, напредокот во тренингот и психолошката подготвеност. Со ова добиваме реална и мерлива слика за потенцијалот што го имаме, што понатаму ќе ни помогне да креираме одржливи спортски политики. Учеството на овие спортисти на ЕМОФ ќе им даде и мотивација, но и чувство на припадност – тие ќе знаат дека се дел од нешто големо.

Можеме ли да очекуваме ЕМОФ Скопје 2025 да биде настан кој ќе остави траен впечаток кај граѓаните и ќе се памети во наредните децении?

Апсолутно, ова ќе биде настан за паметење – нешто што ќе се прераскажува со години. И не го велам тоа само од организациски аспект. Скопје и Куманово ќе бидат преплавени со енергија, боја, спорт, култура и младешка радост. Секој граѓанин кој ќе биде вклучен – било како домаќин, волонтер, гледач или организатор – ќе биде дел од историски момент за државата.

Ова не е нешто што се случува често, и затоа сите ние имаме одговорност, но и привилегија да бидеме дел од него. Верувам дека фестивалот ќе ја зголеми самодовербата на луѓето, особено на младите, кои ќе почувствуваат дека Македонија е способна да биде дел од големите европски случувања.

Дали ЕМОФ Скопје 2025 ќе создаде нови кадри со капацитет за организација на спортски настани во иднина?

Со сигурност. Работиме со огромен тим кој се состои од луѓе со различни профили – спортски менаџери, координатори, логистика, ИТ експерти, комуникациски професионалци и многу други. Во процесот на подготовка и реализација создадовме тимови кои се стекнуваат со експертиза во организација на спортски манифестации. Ова претставува непроценливо знаење и искуство кое ќе остане во земјата и кое со сигурност ќе биде искористено во идни спортски и културни проекти. 

Создаваме мрежа на луѓе кои ќе знаат што значи да се организира комплексен меѓународен спортски настан, како да се соработува со европски федерации, како да се комуницира со меѓународни тимови. Тоа значи дека после ЕМОФ, Македонија ќе има свои експерти, свои искуства, и свое знаење кое ќе може да го примени и понуди и надвор од своите граници.

Каква атмосфера очекувате да владее во Скопје и Куманово за време на фестивалот?

Очекуваме вистинска олимписка атмосфера. Скопје и Куманово ќе бидат центри на младоста, на енергијата, на нови пријателства и искуства. Ќе се натпреваруваат повеќе од 4.000 млади спортисти од 50 различни европски делегации, а низ улиците ќе се слушаат различни јазици, ќе се гледаат насмевки, знамиња, тимски бои, ќе се навива, ќе се слави.

Ова ќе биде шанса за локалното население да го доживее спортот на начин кој досега не сме го имале. На јавни локации ќе се организираат активности, ќе има културни настани, музика, забава. Ќе се создаде една посебна енергија, позитивна и инспиративна, која ќе ги поттикне и нашите деца да се занимаваат со спорт и активен живот.

Претходна статијаКреАрт – Годишен уметнички фестивал во МКЦ на тема „Македонско вино”
Следна статијаТрамп по трет пат ја одложи забраната на TikTok во САД