На 21-ви февруари, еден ден пред официјалниот почеток на познатиот Mobile World Congress кој се одржува во Барселона, ќе бидат претставени најновите генерации од главните модели на два големи производители.
Samsung ќе ја претстави Galaxy S7 серијата на нивниот познат Unpacked настан, а за овој ден настан најави и LG.
LG ќе го претстави G5 моделот, за којшто како што е стандардно во мобилната индустрија, веќе има еден тон на информации и шпекулации. Во последните денови до претставувањето можеби шпекулациите стануваат и малку досадни зошто до некаде ја тргаат мистеријата од самиот настан.
Инаку, за LG G5 се најавува целосна промена на дизајнот којшто беше карактеристичен во досегашните модели. Копчињата коишто беа поставени на задната страна, се верува дека ќе бидат поставени од страните, како и кај повеќе мобилни телефони.
Она што посебно се истакнува од шпекулациите е можноста за вклучување на еден вид заменлив долен дел од телефонот преку којшто ќе може да се вклучуваат одредени додатоци како надворешна тастатура и слично. Сепак, оваа информација може да се покаже и како целосно неточна.
Од другите спецификации, G5 треба да ги има најновите моментално достапни компоненти, како што е Snapdragon 820 чипсетот, 4GB RAM меморија, екран со резолуција поголема од Full HD и слично.
Извор: Android Central